Хронологија на досегашните случувања во украинската криза
Бројни обвинувања и барања за безбедносни гаранции го одбележаа судирот на глобалните сили во текот на украинската криза, која веќе извесен период го држи светот на штрек. Западот упорно предупредува за можна руска инвазија врз Украина што треба да се случи во секој миг, а Москва категорично ги негира таквите тврдења, одржувајќи ја неизвесноста.
Тензиите почнаа да се зголемуваат во ноември минатата година кога сателитски снимки открија околу сто илјади распоредени руски војници и тешка воена опрема долж границите на Украина. Веќе наредниот месец, американскиот претседател Џо Бајден ја предупреди Русија за економски санкции доколку ја нападне Украина.
Кремљ потоа имаше мноштво безбедносни барања за Западот. Русија инсистира на тоа дека НАТО мора да увери оти Украина никогаш нема да биде примена како членка на Алијансата. Русија, исто така, побара НАТО да ги прекине сите воени активности во Источна Европа.
Во јануари годинава, Бајден го увери украинскиот претседател Владимир Зеленски дека САД „одлучно ќе одговорат“ доколку Русија ја нападне Украина. НАТО ги стави своите сили на подготвеност, зајакнувајќи го своето воено присуство во Источна Европа со повеќе бродови и борбени авиони.
Неколку земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Италија, Велика Британија, Република Ирска, Белгија, Луксембург, Холандија, Канада, Норвешка, Естонија, Литванија, Бугарија, Словенија, Австралија, Јапонија, Израел, Саудиска Арабија и ОАЕ ги повикаа своите државјани да ја напуштат Украина поради можноста за војна. Многу земји предупредија дека можеби нема да биде возможна воена евакуација доколку избувнат тензии.
Дипломатските разговори меѓу американските и руските официјални лица не дадоа резултат, бидејќи Вашингтон повтори дека не може да ги прифати барањата на Кремљ. Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата загриженост не стивнала, но оти е подготвен да продолжи да разговара. Тој негираше дека планирал инвазија на Украина, откако Бајден предупреди за веројатен напад во февруари.
Во меѓувреме, германски „Шпигел“ и американски „Си-ен-ен“ јавија дека Русија ќе ја нападне Украина в среда, повикувајќи се на разузнавачки тврдења.
Русија, пак, денеска објави дека повлекува дел од своите војници во близина на границата со Украина, како први знаци на деескалација со Западот.
САД имаа строго предупредување за целосна инвазија и напад врз главниот град на Украина, Киев, минатата недела, бидејќи тензиите не стивнуваа. Русија ги почна своите најголеми поморски вежби во последните години преку Црното Море по предупредувањето.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана изјави денеска дека некои сили распоредени во близина на Украина ги завршиле своите вежби и се подготвуваат да заминат. Ова доаѓа еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин одржаа разговори преку видео-конференција. Бајден рече дека руската инвазија на Украина ќе предизвика „човечко страдање“ и дека иако Западот сака дипломатски да ја заврши кризата, тие се „подеднакво подготвени за други сценарија“.