ШАХ
Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и репрезентативец Тони Лазов (2.388 рејтинг-пони) го освои солидното трето место на отворениот интернационален турнир „АСК 4“, кој се одржа во Аранѓеловац, Србија. Во конкуренција на 18 шахисти (3 ВМ, 3 ИМ, 4 ФМ) од осум држави (Индија, Исланд, Русија, Црна Гора, Словенија, Македонија, Грција и Србија), Лазов по девет одиграни кола собра шест поени (три победи, шест ремија, без пораз). Првото место му припадна на ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Исланд, Фреир Хеимисон (2.312), со седум поени.
На преостанатите два затворени велемајсторски турнири, кои исто така се одиграа во Аранѓеловац, македонските претставници имаа послаби пласмани. Така, на турнирот „АСК 6“, ФМ Емил Ристески (2.363) во конкуренција на десет шахисти (3 ВМ, 3 ИМ, 4 ФМ) од пет држави, по девет одиграни кола (Бергеров систем), заврши седми, со 3,5 поени, но освои нови 10,6 рејтинг-поени. Пласманот секако ќе беше подобар ако Ристески не загубеше три партии со контумација. Победи ИМ од Србија, Милош Станковиќ (2.412), со седум поени.
ИМ Никола Николовски (2.402), пак, на затворениот ВМ-турнир „АСК 7“, го освои деветтото место со 2,5 поени (една победа, три ремија и пет порази), меѓу десет шахисти (3 ВМ, 4 ИМ, 3 ФМ) од пет држави. Првото место по девет кола го освои ВМ од Србија, Никола Седлак (2.507), со 6,5 поени.