Димушевски во последната декада од минатиот век освои во низа три титули шампион на Македонија на ридските трки во една иста класа и стана носител на „златна кацига“. Тој е учесник на многу трки во поранешна Југославија и на најпознатите европски патеки, како и победник на атрактивната ридска патека на Ловќен во Црна Гора

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (220)

Автомобилизмот отсекогаш ги привлекувал младите. Неговата атрактивност и возбудата што ја носи се главна причина кај многу деца уште од најраната младост да заживеат тркачките амбиции. Но, со оглед на тоа што овој спорт носи многу ризици, само најхрабрите зачекоруваат по патот на успехот. Храброста е, впрочем, потребна во секој спорт, но во автомобилизмот особено, зашто е спорт што носи многу опасности, па ако не си подготвен да се соочиш со нив, нема и успеси. Но да бидеш храбар не е единствен предуслов, напротив, има и многу други компоненти од кои зависи дали некој ќе стане врвен или ќе остане просечен тркач.
Многу се битни и моќта на концентрација и смиреноста, оти зад секој метар на патеката, дали се работи за ридска или брзинска трка, пред возачите искрснуваат пречки што мора брзо да се решаваат. Кога на ова ќе се додаде дека возачот треба да има не само површни познавања околу механиката туку и да биде добро обучен, тогаш станува јасно колку многу работи треба да бидат исполнети за да се стане врвен автомобилист.
Еден од тие македонски автомобилисти, кај кого беа вткаени сите овие компоненти, беше Александар Димушевски-Вуле. Тој имаше богата кариера, возбудливи мигови, дружења со асовите, со кои ја делеше истата судбина, бестрашно влегувајќи во опасностите што демнеа на секоја трка. Во 1990-тите години, со трите титули првак на Македонија во низа освоени во ридските трки, во иста класа, му припадна и трофејната „златна кацига“.

ОТКАЖУВАЊЕ ВО ПРВАТА ТРКА

Интересна е приказнaта на Димушевски, што беше она што го испровоцира да се најде во автомобилизмот.
– Мојот татко Вукашин имаше механичарска работилница, па некако по редот на нештата и мене од мал почна да ме привлекува механиката. Сакав да навлезам што подлабоко во неа, па затоа ги купував сите можни списанија за автомобилскиот спорт што излегуваа во поранешна Југославија. Внимателно ги читав, а бев толку импресиониран од нив што не само на одморите туку и на часовите си импровизирав цртајќи најразлични модели на автомобили. Размислував која е таа сила на моторите што им дава поголема моќност, па додавав нешто свое и така можам да кажам дека од тие училишни денови практично механиката како да ми стана најважен предмет. Сето ова го правев од проста причина ако утре и јас седнам зад воланот и почнам да се тркам, да знам во какво возило влегувам и какви се неговите перформанси. Подоцна, кога станав активен натпреварувач, сфатив што значеше тоа искуство за мене. Сам се грижев за возилото и во многу случаи без ничија помош го отстранував дефектот – се присетува на тие почетни времиња Александар Димушевски.
Проблем за Вуле беше што не можеше да учествува на трките, бидејќи сѐ уште беше малолетен и немаше возачка дозвола. Сепак, за да биде што поблиску до овој спорт, се занимаваше со картинг, па тука ги задоволуваше своите тркачки страсти.
– Кога на 18 години ја добив возачката дозвола, бев многу среќен. Тогаш во Скопје имаше регистрирано два автоклуба, Академски и Машинец. Прво бев член на „академците“, а подоцна минав кај „машинците“. Така вратата кон автотрките ми беше отворена и почнав сериозно да размислувам за првите настапи. Се сеќавам, во чест на 22 Декември, празникот на тогашната ЈНА, покрај другите манифестации, се одржуваше и авторели. Јас му бев совозач во „миниморисот“ на Димче Глигоровски, но поради сообраќајна незгода не го завршивме релито. Тоа не ме обесхрабри, оти ова беше мое прво искуство и бев свесен дека вакви моменти ќе има и натаму во кариерата – вели Димушевски.
Во следните пет години, почнувајќи од 1977-та, Димушевски се натпреваруваше со „миниморис“, „фиќо“ и „фиат 1.300“. Тој беше постојан учесник на трките на Водно, а првиот настап на еден сојузен натпревар му беше со „фиќо“ на Шампионатот на Југославија, во Крагуевац во 1982 година. „Фиќото“ беше најевтино за одржување, па, така, Вуле во текот на кариерата смени пет-шест „фиќа“! Интересно е дека во оваа категорија некогаш на стартот на кружните патеки се појавуваа и по педесетина возачи, што говори за тоа колку беше силна конкуренцијата.

ТРИУМФ НА ЛОВЌЕН

Во поранешна Југославија автомобилизмот беше многу популарен. Ова го потврдува и фактот што имаше неколку традиционални и проверени патеки, а се отвораа и нови, кои овозможуваа да се збогати натпреварувачкиот календар.
– Во меморијата, како да беше вчера тоа, ми останаа моментите кога почнав да настапувам во југословенска конкуренција. Тоа беше посебно чувство, оти на стартната позиција имаше имиња за кои дотогаш само слушав. Јас и сите натпреварувачи од Македонија го немавме потребното искуство и често се случуваше да нѐ совлада тремата. Но, со време, станувавме сѐ посигурни и почнавме да им парираме на поквалитетните тркачи. А, колку беше големо интересирањето за настапите на трките во Краљево, Крагуевац, Ушќе во Белград, потоа за сите ридски трки, зборува и податокот што за да се стигне до главната трка, во која учествуваа 30 возила, мораше да се мине низ квалификациите во кои стартуваа и по 80-90 возачи! Иста беше ситуацијата и кога одевме на трките во Хрватска, на патеката во Гробник, потоа во Матуљи и Бузет во Истра, На повеќето трки низ поранешна Југославија, најчесто одев со Витомир Блажевски, со кого долги години бевме добар тандем – потенцира Димушевски.
Во првите настапи на југословенската сцена, Димушевски имаше трема, што беше нормално за еден млад натпреварувач. Но како што одминуваше времето не само што се стабилизира и стана многу посамоуверен туку кон него почнаа со респект да гледаат и оние многу поискусните. Тогаш мина и во повисока класа и почна да вози „југо“.
– Откако беше скршен мразот, почнаа да доаѓаат до израз и моите квалитети. Еден од поголемите успеси на поранешните југословенски простори ми беше освојувањето на првото место на ридската трка на Ловќен, во Црна Гора. Таму имав пласмани и на второто и третото место, а исто така на пиедесталот се искачив и во Белград, на Ушќе, каде што двапати бев трет, а потоа трет бев и на кружната патека во Краљево. Во тие години стартував околу 40 пати и на трки во Бугарија, каде што исто така имав високи пласмани и места на пиедесталот – додава Димушевски.

ПРЕСЕЛБА ВО ЉУБЉАНА

Амбициите на Димушевски беа големи, па за да ги оствари реши да замине за Љубљана. Отиде во клубот Донит, чиј претседател беше еден од најголемите авторитети во автомобилскиот спорт и словенечки политичар Дагмар Шустер.
– Овде бев одлично прифатен и имав добри услови за тренинг. За разлика од дома, каде што самиот морав да се грижам за подготовката на возилото, нормално и да инвестирам не мали средства, во Љубљана ситуацијата беше поинаква. Клубот имаше механичарски тим, кој се грижеше за возилата, но бидејќи механиката ми беше во срце и јас често бев во работилницата – вели Димушевски.
Во 80-тите години од минатиот век, Димушевски се раздели од „југото“ и седна во повисока класа на автомобили.
– Најпрво набавив „ауди“, за во 1989 година да почнам да се натпреварувам со „форд ескорт“. За нас, автомобилистите, па и сите жители на поранешна Југославија, ова беше тешко време, зашто имаше недостиг од бензин. Тоа ни ја отежнуваше работата, оти моравме да се снаоѓаме на различни начини да набавиме гориво за да останеме во тренажниот процес – објаснува Вуле.
За сите успеси и пласмани на меѓународна сцена, како и за првите титули во Македонија, ќе читате идната недела.


Александар Димушевски-Вуле

Роден: во 1959 година во Скопје
Кариера: Академски, Донит и Машинец
Успеси: прво место на ридската трка на Ловќен, втори и трети места на повеќе брзински и ридски трки во поранешна Југославија, освојувач на „златна кацига“ за три победи во низа на шампионатите на Македонија на ридските патеки, трето место во Хокенхајм, второ место во Челенџ-шампионатот на Европа во 2004 година, со „рено клио спорт“ класа 2.000 Н, и деветто место во генералниот пласман