Австријците Јоханес и Хуберт Штролц се првиот татко и син што победиле во иста индивидуална дисциплина на ЗОИ
ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ – АЛПСКА КОМБИНАЦИЈА
Австриецот Јоханес Штролц (29) го освои златниот медал во алпска комбинација (се возат спуст и слалом) на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг и го повтори успехот на својот татко Хуберт, кој го стори истото тоа пред 34 години на Игрите во Калгари 1988. Хуберт Штролц во Калгари освои и сребро во велеслалом. Јоханес и Хуберт се првиот татко и син што победиле во иста индивидуална дисциплина на ЗОИ.
– Освојувањето на златото ми значи многу, цел свет, уште повеќе и поради историјата на татко ми. Кога размислувам за тоа, за сите слики и за златниот медал на татко ми, тешко ми е да не заплачам. Ова се навистина одлични моменти за мене, бескрајно сум среќен што конечно можам да го живеам мојот сон, да го имам златото како татко ми во Калгари – изјави Штролц.
По трката во спуст, Штролц беше четврти, но во втората, во слалом, беше побрз за 58 стотинки од лидерот по првата трка, Норвежанецот Александар Амод, кој мораше да се задоволи со сребрен медал (во супервелеслалом освои бронза). Со бронзен медал се закити Канаѓанецот Џек Крафорд.
– Беше неверојатно. Немам скијано слалом две години. Но имав добро чувство на патеката, се обидував да одржувам добра рамнотежа. Микаела (Шифрин) ми помогна и ме охрабри со зборовите: „Продолжи со истото темпо и биди сконцентриран на скијањето“ – изјави Килде по трката.
Трката во алпска комбинација повеќе не се вози во Светскиот куп (СК), но е најстариот алпски настан, „измислен“ во швајцарското одморалиште Венген, во 1932 година, и е дел од ЗОИ 1936 во Гармиш-Партенкирхен. Таа и натаму останува врвен предизвик за сите скијачи, но поради тоа што тие сѐ повеќе се специјализираат за техничките или за брзинските дисциплини, на оваа трка имаше најмалку учесници од досегашните 12 вакви олимписки настани, само 27 од 17 земји. Вториот најмал одѕив беше во 1998 година во Нагано, кога учествуваа 38 скијачи од 21 земја. За првпат во историјата на ЗОИ откако на програмата е трката во алпска комбинација немаше скијач од САД.
Алпското скијање на Игрите во Пекинг како да стана семејна работа. Пред триумфот на Јоханес Штролц во алпска комбинација и повторувањето на подвигот на својот татко Хуберт од Калгари, имаше уште две интересни и необични ситуации. Сонародникот на Штролц, Матијас Маер го освои златото во супервелеслалом, надминувајќи го својот татко Хелмут, кој освои сребро во истата дисциплина на Игрите во Калгари. На истата трка, во супервелеслалом, Американецот Рајан Кокран-Сигл беше втор и тргна по стапките на својата мајка Барбара Ен Кокран, која освои злато во слалом во Сапоро во 1972 година.