Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните ја поздравуваат оваа широка акција на градските власти за темелно санирање на коловозите во главниот град. Граѓаните во многу наврати алармираа дека дупките на улиците низ градот им предизвикувале сериозни проблеми и оштетувања, особено кога „ударните дупки“ се незабележливи при дождливо време. Градските власти почнаа да ги решаваат овие проблеми, односно деновиве интензивно ги санираат отворените дупки и ги пополнуваат

ДАЛИ УДАРНИТЕ ДУПКИ НА КОЛОВОЗИТЕ ВО СКОПЈЕ ЌЕ СТАНАТ МИНАТО

Отворените дупки низ улиците во Скопје заминуваат во минатото. Можеби еден од најголемите проблеми за возачите се дупките на улиците, кои во услови на дождливо време воопшто не се забележуваат, па возачите честопати возејќи удираат во нив, оштетувајќи ги своите возила. Дополнителен проблем се и шахтите, кои поради забот на времето и пропаѓањето на асфалтот останале поиспакнати, па предизвикуваат сериозни проблеми во сообраќајот, секако, на штета на возачите и нивните возила. Токму тие проблеми за скопјани, градските власти почнаа да ги решаваат, односно да ги санираат отворените дупки и да ги пополнуваат.

ПОПОЛНУВАЊЕ ДУПКИ НА УЛИЦИТЕ

Неодамна градските власти започнаа со санирање на отворените дупки на сообраќајниците во Скопје.
Во делови од Скопје секојдневно може да се забележат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ како пополнуваат дупки. Досега се санираа голем број сообраќајници во општините во Скопје.
Се изврши санација на улиците Ацо Шопов (Скупи) и Црногорска, на улицата Лука Геров (до последна 22 во с. Волково) во општината Ѓорче Петров, а беа санирани и дупките на булеварите Борис Трајковски (правец од нас. Драчево кон нас. Пинтија) и Теодосиј Гологанов. На дел од нив, покрај санација на големите оштетувања, се нивелираа и шахтите што долг период предизвикуваа поголеми штети на возилата на граѓаните.
– Во текот на викендот теренските служби на Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ пристапија кон санација на крупните оштетувања на коловозите на неколку локации, односно Јужен булевар, булеварот Осми септември и булеварот Борис Трајковски (нас. Пинтија кон нас. Драчево) – информираа градските власти.
Како што велат оттаму, екипи на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ секојдневно се на терен и детектираат каде има потреба од итна санација на коловозот, но исто така се врши сондажа за потребата од дополнителна сообраќајна сигнализација низ градот, која ќе ги намали сообраќајните незгоди и ќе помогне за подобра видливост на пешачките премини.
– Санирање на улиците и булеварите во градот Скопје е еден од приоритетите на ЈП „Улици и патишта“, кое во континуитет ги следи потребите за итна санација на одредени булевари низ градот, но и отпочнува со нови решенија за подобрување на патната инфраструктура во градот Скопје – информираат градските власти.

ПОЗДРАВ ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА

Граѓаните ја поздравуваат оваа иницијатива на градските власти. Велат дека дупките на улиците низ градот им предизвикувале сериозни проблеми и оштетувања.
– Добро е што се санираат дупките, затоа што навистина ги искршивме возилата. Зимскиот период и малите дупки стануваат кратери, како последица на фрлањето сол и песок по улиците, а сите знаеме дека солта има разорувачко дејство врз асфалтот, па малите дупки се проширија и станаа значително поголеми – вели Миле Тодоровски.
И за велосипедистите и пешаците оваа иницијатива е добра, затоа што, сепак, влијае и на нивната безбедност во сообраќајот.
– Кога преминуваш улица, гледаш тоа да го направиш набрзина, бидејќи никој нема да те чека да си поминеш пополека. Токму затоа, во тоа брзање, лесно се промашуваат дупките, односно, гледајќи лево-десно, барем јас честопати се сопнувам на отворените дупки. Со санацијата, знаеме дека ќе бидеме безбедни и ние и сите други – вели Милка Димковска.
Велосипедистите, пак, велат дека дупките се огромен проблем за нив, бидејќи малото пропаѓање во дупка, значи пад и сериозна повреда за нив.
– Велосипедот не е автомобил. Нема ниту доволна брзина, ниту толку широки тркала. Токму затоа дупките се животозагрозувачки за нас – вели Владимир Трпчевски.