Компаниите самостојно да одлучат дали ќе одмораат во недела или не, во согласност со динамиката и спецификата на нивната дејност. Да се најде посоодветно законско решение од актуелното, кое многу фирми става во нерамноправна положба и ќе направи спротивен ефект од оној што сакал да го постигне законодавецот, апелира Стопанската комора на Северна Македонија.
Комората предупредува дека доколку не се најде соодветно решение околу „недела неработен ден“ и ако продолжи таксативното набројување на фирмите што може да работат во недела, а од кое се изземени многу суштински дејности, можни се зголемувања на производните трошоци, затворање на капацитетите, намалување на конкурентноста и отпуштања. Според нив, потребна е флексибилност, а акцентот мора да се стави на инспекцискиот надзор и на доследното почитување на работничките права, што вклучува и исплата на додаток за работа во недела.
Орде Ѓорѓиоски од „Витаминка“ АД Прилеп, како претставник на прехранбениот сектор, истакна дека законското решение мора да ја поддржува четирисменската работа.
– Од недоволно јасни причини се утврдија дејностите каде што по исклучок, во согласност со разни специфики, би можело да се работи во недела, а друг ден да биде за одмор. Не ни е јасно од каде некои дејности се повластени, а некои изземени. Кои биле критериумите? Најдоброто решение, веројатно, е да се предвиди недела како ден за одмор, но да нема таксативно наведување на дејностите, туку да се овозможи со пријава до Инспекторатот за труд кои компании сакаат да работат, но и на работниците да им се исплати додаток на плата – рече Ѓорѓиоски.
Нена Николовска од секторот градежништво посочи дека доколку не се води грижа за обезбедување континуитет и непречено одвивање на производните процеси, покрај финансиските загуби, се зголемува и ризикот од хаварии. Според неа, законот не е во интерес на сите работници, бидејќи ја скратува можноста за заработка на работниците што сакаат да заработат повеќе.
Комората предлага да се преиспита начинот на кој е дефиниран износот на додатокот на плата за работа во недела, зашто може да создаде дилеми при утврдувањето на износот.
– Ако се постигне соодветно решение за „недела неработен ден“, Стопанската комора на 18 февруари, на денот на одбележувањето 100 години од своето постоење, ќе ја повлече иницијативата до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за измени и дополнување на Законот за работни односи – рече Даниела Михајловска од СКСМ.