Во финалето, Сенегал го победи Египет, на пенали со 4-2, и ја освои својата прва титула шампион на Африка

ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА

Садио Мане го реализира решавачкиот удар од белата точка во финалето на Купот на нациите на Африка (АФКОН) во фудбал, со што Сенегал го победи Египет со 4-2, на пенали, и ја освои својата прва шампионска титула во историјата. Претходно, по 120 минути игра немаше голови на мечот на кој Мане, напаѓачот на Ливерпул, не искористи пенал во седмата минута, поточно голманот на „фараоните“, Мохамед Габаски, му го одбрани ударот. Заслуги за освојување на титулата има и голманот на Сенегал и на Челси, Едуар Менди, кој му го одбрани ударот на Моханад Лашин и му даде шанса на Мане да се рехабилитира за промашениот пенал. Мане беше прогласен за најдобар играч на турнирот, Менди за најдобар голман, а најдобар стрелец со осум гола е Винсент Абубакар од Камерун.
– Работевме напорно за да го освоиме овој трофеј. Победивме како група и како земја и затоа сум супергорд. Стрелците добро се снајдоа во пеналите, се обидов и јас да дадам сѐ од себе за да одбранам еден удар. Го направив тоа, пресреќен сум – изјави Менди.
Сенегал ги загуби претходните две финалиња на АФКОН, во 2019 и во 2002. На 16-то учество на турнирот, Сенегал стана 15-та различна нација што триумфира. На последните седум завршни турнири има исто толку победници!

– Ако работите напорно, ако истраете, ќе го добиете она што го сакате. Многу сум емотивен оти луѓето од Сенегал го посакуваа овој трофеј речиси 60 години – изјави селекторот на Сенегал, Алиу Сисе, кој како капитен промаши пенал во 2002-та против Камерун и беше во улогата на селектор пред три години, во поразот од Алжир.
Египет пропушти да ја освои рекордната осма континентална круна, која ќе беше прва за Мохамед Салах, соиграчот на Мане во нападот на Ливерпул, кој имаше неколку шанси, но не успеа да го совлада Менди. Салах, кој беше во тимот на Египет што беше поразен од Камерун во финалето во 2017-та, не дочека ниту да го шутира петтиот пенал оти победникот веќе беше решен. Египет наскоро, во март, ќе има шанса да му се реваншира на Сенегал, во двомечот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар 2022 година.
Следното издание на АФКОН треба да се одржи во Брегот на Слоновата Коска, во јуни и во јули во 2023-та.