На членовите на навивачката група „Комити“ во првиот обид им беше оневозможено да му се поклонат на Гоце Делчев, како што практикуваат години наназад на датите на неговото раѓање и загинување, 4 февруари и 4 мај.
– И покрај фактот што сме уредно најавени дека положуваме цвеќе по повод 150-годишнината од раѓањето на великанот на Македонската револуционерна борба, СВР Скопје без никаков основ го попречува нашето слободно движење. Ова е аннтимакедонска Македонија! – напишаа тие на својата страница на социјалната мрежа Фејсбук.
Откако се фотографираа на плоштадот, пред споменикот на Гоце Делчев, тие незадоволни се упатија кон улица Македонија, пеејќи ги своите навивачки песни и го блокираа пешачкиот премин на улица „Димитрија Чуповски“, кај Рекорд, во центарот на Скопје.
Ги следеа голем број полицајци, а некои од нив носеа и штитници. По триесетина минути, им беше соопштено дека можат да отидат во црквата Свети Спас и да му оддадат почит на нивниот инспиратор, македонскиот револуционер Гоце Делчев, што тие и го сторија во 13.30 часот.
Поради блокираните приоди до црквата „Свети Спас“, денеска голем број скопјани не можеа исто така да му се поклонат на Гоце Делчев, најзначајната фигура во македонската историја. М.Т.