Средба на Си и Путин во Пекинг, пред отворањето на ЗОИ
Во Пекинг почна средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот домаќин, колегата Си Џинпинг, пренесе Тасс. Ова е прва посета на Путин на Кина од почетокот на пандемијата на ковид-19.
Рускиот претседател во Пекинг ќе остане само еден ден, а по разговорите и ручекот во „четири очи“ со домаќинот Си, тој ќе присуствува на свеченото отворање на Зимските олимписки игри 2022 година во кинескиот главен град.
Рускиот претседател оцени дека односите и стратешкото партнерство меѓу Москва и Пекинг се „без преседан“.
– Нашите билатерални односи напредуваа во духот на пријателството, стратешкото партнерство. Тие навистина добија карактер без преседан, рече Путин на почетокот од средбата со кинескиот претседател во Пекинг – пренесе Тасс.
За време на разговорите, предвидено е лидерите да разговараат и за некои клучни билатерални, регионални и глобални прашања. Потоа најверојатно двајцата ќе потпишат серија меѓувладини и трговски документи, а планирано е да дадат и заедничка изјава за меѓународните односи.