Светската здравствена организација (СЗО) денес соопшти дека нема индикации дека новата подваријанта на омикрон, БА.2, предизвикува посериозни инфекции од оригиналната верзија на вирусот, иако првичните податоци сугерираат дека е многу позаразен. Не било откриено дека омикрон предизвикува потешки форми на болеста од делта сојот, но се шири побрзо од претходните варијанти на вирусот и може да избегне дел од имунолошката заштита што ја обезбедуваат вакцините.
– Информациите што ги имаме сè уште не се целосни, но првичните податоци покажуваат дека БA.2 е малку позаразна од оригиналната омикронска варијанта, која научниците официјално ја нарекуваат БA.1 и моментално е доминантна ширум светот. Сепак, нема индикации дека БА.2 се разликува од оригиналниот омикрон во однос на сериозноста – рече Марија ван Керхове од СЗО.
Таа нагласи дека вакцините остануваат ефикасни во спречување на тешки болести и смрт од омикрон и сите негови подваријанти.
– Луѓето мора да бидат свесни дека овој вирус се уште циркулира и продолжува да се развива. Затоа е многу важно да ги преземеме сите можни мерки за да ја намалиме нашата изложеност на овој вирус, без разлика која варијанта моментално кружи низ светот – заклучи Ван Керкове на средбата во Женева.
БA.2 стана доминантен вид во Данска, надминувајќи ја оригиналната верзија на БA.1. Данските научници открија дека БA.2 е значително позаразна за луѓето кои биле вакцинирани со две, дури и оние со три дози. Сепак, луѓето вакцинираните со две дози и бустер-доза имаат помала веројатност да пренесат БA.2 по инфекцијата отколку оние инфицирани со сојот БA.1. Од друга страна пак, невакцинираните го пренесуваат БA.2 поефикасно од оригиналниот омикрон.
Данските научници се оптимисти, бидејќи откриле дека БA.2, како и оригиналната омикрон варијанта, е пропратена со поблаги инфекции во споредба со делта.
Ван Керк минатата недела изјави дека следната варијанта ќе биде подеднакво заразна, но останува прашањето дели клиничката слика ќе биде полесна или потешка.