Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја информира јавноста дека согласно Правилникот за утврдување на квалитетот на испорачаната топлинска енергија, потрошувачите кај кои е констатирано со решение дека имаат неквалитетна испорака на топлинска енергија, треба да добијат пониски сметки. Решението треба да е од комисијата за проверка на квалитет на испорачаната топлинска енергија.
– Побаравме од снабдувачите со топлинска енергија да донесат решенија кои ќе соодветствуваат со фактичката состојба утврдена на терен при извршената проверка, откако потрошувачите се пожалија дека имаат пониска температура или радијаторите им се ладни. Согласно правилникот, снабдувачот е должен да донесе решение со кое ќе се корегира сметката, во зависност од тоа колку отстапува температурата од онаа што е пропишана. Да заклучам, ако во јануари кај дел од потрошувачите е констатирана неквалитетна испорака на топлинска енергија со решение, по извршена контрола од страна на комисија – снабдувачот, треба да им фактурира помала сметка. КЕ побара од Скопје Север при изработка на фактурите за месец јануари да не се земат во предвид деновите кога немало испорака на топлинска енергија – изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Дополнително, вели тој, бараат да се прошири надлежноста на државниот инспекторат за техничка инспекција и освен комисија од снабдувачот што го контролира квалитетот на испораката на топлинска енергија, на терен да излегуваат и инспектори кои ќе ја мерат температурата дали отстапува од пропишаната.
-Снабдувачот не смее да наплати ни еден киловат час што не го испорачал – изјави Бислимоски.