Авионот на сега непостоечката компанија Југословенски аеротранспорт (ЈАТ) во кој беа 23 патника и пет-члена посада, на летот 367 од Стокхолм за Белград, преку Копенхаген и Загреб, полета пред точно половина век (на 26 јануари 1972 година), но никогаш не стигна до крајната дестинација, пишува „Би-би-си“ на српски јазик.
Бомбата која до денес непознатите сторители ја поставиле во авионот, експлодирала над тогашна Чехословачка, додека леталото било на височина од 10 илјади метри. Несреќата ја преживеа само стјуардесата Весна Вуловиќ.
– Имаше случаи во кои луѓе преживеаја падови од големи височини, како што се советските и британските авијатичари во текот на Втората светска војна, но некој да преживее пад од 10 илјади метри… Таквиот факт и понатаму е неверојатен – наведува Илија Кукобат, воздухопловен историчар во изјава за „Би-би-си“.
Весна Вуловиќ се спасила бидејќи се наоѓала во задниот дел од авионот, кој останал релативно сочуван. Авионот на ЈАТ паднал во атарот на селото Српска Каменица во денешна Чешка, а Вуловиќ била пронајдена од тамошен шумар. Стјуардесата по несреќата неколку дена била во кома, а поради повредите останала парализирана од половината надолу. Благодарение на чешките лекари и операцијата во Прага, Вуловиќ повторно проодела девет месеци по падот. Нејзиното искуство токму затоа предизвика големо внимание во светската јавност. Педесет години по несреќата, на веб-страницата на „Гинисовата книга на рекорди“ и натаму стои нејзиното име, како личност која преживеала пад од најголема височина во историјата. Вуловиќ починала во 2016 година.
Истрагата водена во тогашна Чехословачка, за чие учество биле повикани и југословенските истражители, покажала дека експлозијата е причина за падот на авионот. До падот на авионот дошло до експлозија на куфер што бил наслонет на преграден ѕид на првиот багажник, како што пред десет години изјави за белградска „Политика“ Златко Вереш, тогашниот начелник на југословенската Контрола на летање и експерт за авионски несреќи. Вереш и Кукобат истакнуваат дека постоеле повеќе различни мислења за несреќата, но ги отфрлаат повеќето како теории на заговор.