Евгениј Поп Ацев

Пливачкиот маратонец Евгениј Поп Ацев за ситуацијата со затворените базени

На ниво на Скопје потребни ни се барем три-четири базени. Државата би требало излезе во пресрет во ваквата ситуација, вели најдобриот македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев

Проблем е што цела Македонија е сведена на еден мал базен. Само на ниво на Скопје потребни ни се барем три-четири базени. Државата би требало излезе во пресрет во ваквата ситуација, вели најдобриот македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев, по повод затворањето на базените во скопската населба Карпош и во Куманово. Во овие околности пливачите се принудени да се снаоѓаат за тренинзи на 25-метарскиот базен во олимпискиот базен „Центар“ во Скопје, кој моментно е единствен во функција.

– Ние моментно имаме 50-60 пливачи кои имаат подготовки и тренираат по одредена програма. Јас ќе се снајдам некако, но доста луѓе нема да можат да одат на 25-метарскиот базен, баш поради малиот број на достапни термини. По затворањето на базенот во Карпош сите школи, клубови, професионалци и рекреативци оттаму ќе треба да се префрлат на „Олимписки“ – наведува Поп Ацев.

Тој ја нагласува потребата за континуитет во тренирањето, која за македонските пливачи е доведена во прашање во сегашната проблематична ситуација.

– Во професионалното пливање мора постојано да се тренира, бидејќи не постои компензација. Се тренира двапати дневно, шест дена во неделата и проблем е ако се пропуштат тренинзи. Пливачите кои тренираат на врвно ниво прават пауза во тренирањето од четири-пет дена годишно – вели Поп Ацев, кој е е трикратен победник во гранпри-серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА) во маратонско пливање (во 2015, 2017 и во 2019 година), победник на Охридскиот маратон во 2015 година, како и на познатата маратонска трка од Капри до Неапол во 2016 година.

Затворениот базен во рамки на спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош нема да работи поради дефект на системот на греење, а од претходно, не е во функција ниту базенот во Куманово, поради енергетската криза во државава. За Поп Ацев ваквата ситуација е необична, особено ако го земе предвид искуството од странство, каде што тренираше во Хрватска и во Велика Британија.

– Никогаш не сум слушнал проблеми со греењето да затворат базен на подолг период. Во Свонси, каде што тренирав, кога ќе се случеа такви дефекти, се решаваа бргу. Но таму базенот е спонзориран и од тамошен факултет и од градот и од државата. Знам дека базените се нерентабилни во зима, дека послабо работат во овој период од два-три месеца, но тие функционираат и во околните држави, каде што имаат и поевтини влезници – посочува пливачкот маратонец.

Затворањето на базените предизвика незадоволство во македонската јавност, со што останува да се види дали апелот на македонските пливачи ќе допре до надлежните со цел за побрзо решавање на проблемите, односно за враќање на базените во функција.


Високите трошоци се дополнителен проблем за пливањето

Високите трошоци, според Евгениј Поп Ацев, претставуваат дополнителен проблем за пливањето, поради кој многумина родители не можат да си дозволат нивните деца да го тренираат овој спорт.

– Ние имавме случај каде што тука гостуваше пливач од Холандија, кој увиде дека влезницата што ја платил за термин за тренинг на наш базен, чини колку и четири кафиња во кафуле. Тоа го изненади. Многумина овдешни родители не можат да си дозволат нивните деца да тренираат. Можеби пливањето не е толку скапо како тенисот или коњичките спортови, но би требало да биде достапно за сите – смета прославениот пливач.