Најнов случај на насилно однесување и вандализам беше забележан пред неколку дена, кога надлежните од Град Скопје, во езерцето во Градскиот парк пронајдоа фрлени клупи за седење и превртен јавен тоалет „тои-тои“. Ништо полесно не поминаа ниту другите општини каде што се регистрирани голем број проблеми поради несовесни граѓани

СЕРИЈА ИНЦИДЕНТИ СО УНИШТУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ДОБРА ВО ГЛАВНИОТ ГРАД

Почетокот на новата година влеваше верба дека можеби скопјани ќе ги сменат деструктивните навики во однос на она што локалната и градската власт го поставиле на урбаните површини, со цел да ни служи на сите нас. Сепак, вербата остана само како надеж, бидејќи она што изминатите дваесетина дена од првиот месец во годината можеше да се забележи, говори за тоа дека надлежните и оваа 2022 година ќе имаат полни раце работа, санирајќи ги штетите направени од несовесни граѓани на кои единствено (болно) задоволство им е уништувањето на јавните добра.

РЕГИСТРИРАНИ СЛУЧАИ НА НАСИЛНО ОДНЕСУВАЊЕ

Најнов случај на вандализам беше забележан пред неколку дена, кога надлежните од Град Скопје, во езерцето во Градскиот парк пронајдоа фрлени клупи за седење и превртен јавен тоалет „тои-тои“.
Како што информираа од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, вработените во претпријатието ги нашле клупите фрлени, откако излегле на редовна контрола на теренот.
Ова е најнов случај на вандализам, меѓутоа не е ниту прв ниту последен. За време на 31 декември и први јануари, голем број детски игралишта и канти за отпадоци настрадаа како последица на фрлени петарди во нив.
Само во Општина Гази Баба имаше неколку такви случаи, за што информираа жителите на општината. На една група на Фејсбук, дури беше објавено видео од деца што фрлаат петарди во новопоставени канти за отпадоци на улицата Разлошка во Хиподром.
Слично беше и на детско игралиште во истата населба. Поставените канти за отпадоци беа разнесени на делови, а и оштетени беа детските реквизити што се поставени за најмладите.
Покрај општините, и надлежните од Град Скопје постојано се на терен, обидувајќи се да воспостават ред и да ги научат на памет оние што постојано нешто уништуваат во метрополата.
Градот најактивно се занимава со дивите загадувачи, креаторите на депониите и оние што постојано палат оган на отворено, горејќи сѐ и сешто, притоа загадувајќи го и онака загадениот воздух во Скопје.
Само пред неколку дена, поточно изминатиот викенд, екипи на Инспекторатот на Град Скопје, составени од комунални инспектори и инспектори за животна средина, изрекоа казни за палење оган на отворено, како и за недозволено фрлање отпад.
– Затекнати и санкционирани се лица што палеле оган на отворено во Шуто Оризари, за што се изречени две казни. Во општината Бутел, пак, во близината на последната автобуска станица на линијата со број 57, е фатено лице како незаконски фрла отпад, за што истото тоа е казнето. Изминатиов викенд комуналните редари од Град Скопје им изрекоа 11 казни на физички лица за непочитување на законските прописи и фрлале ѓубре на јавна површина во Градскиот парк – информираа градските власти.
Кон крајот на минатата година, со деструкција се соочи и локалната власт на Аеродром, каде што беа уништени лежечки полицајци.
– Само неколку дена откако ја презедов градоначалничката функција поставивме легнати полицајци во Горно Лисиче. Но само по неколку недели, можевме да забележиме дека истиот тој легнат полицаец е скршен. Нашите екипи на терен експресно брзо реагираа и веднаш го санираа овој проблем – информира Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром.

ДОБРИТЕ МАНИРИ НЕ ИЗЛЕГУВААТ ОД МОДА

Скопјани или барем оној дел од жителите што манирите на добро однесување не ги заборавиле, велат дека во минатото вакво нешто немало во главниот град, а најголема причина за тоа е крајното невоспитување кај помладата популација, која очигледно нема кој да ја научи како да се однесува.
– Не си интересен ако кршиш, пукаш петарди и уништуваш сѐ што е поставено. Доброто однесување секогаш ќе биде во мода. Дали младите поминуваат премногу време на интернет, каде што гледаат сѐ и сешто, не знам, но тврдам и сведок сум дека голем дел од вандализмот го реализира токму младата популација, и тоа онаа докај 20 години, па и помлади. Не знам кој ги научил дека е интересно да се пука петарда во канта за отпадоци или во стаклени шишиња, а воопшто не ни можам да замислам што размислувале кога фрлале клупи за седење во езерцето во парк. Не можам да разберам што им се врти во глава на децата – вели Божидар Митревски.
Многумина од жителите на Скопје велат дека најголемите проблеми произлегуваат од младите, бидејќи, како што велат, сведочат за тоа.
– Вечерните часови се идеални за уништување. Нема луѓе, нема кој да им каже и да ги укори. Пред зградата имаме детско игралиште, наменето за мали дечиња, но сепак, тоа не ги спречува тинејџерите од по 16-17 години да ги користат лизгалките за лизгање и да ги искршат. И тоа постојано е така и доста често – вели Михајло Стојановски.