Одлуката за статусот на визата на Новак Ѓоковиќ не се очекува да биде објавена денес, бидејќи австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук уште размислува за осетливата ситуација, пренесуваат австралиските медиуми.
Се сметаше дека одлуката ќе биде донесена по одложувањето на ждрепката за главниот турнир за повеќе од еден час, што беше протолкувано како овозможување да заврши средбата на кабинетот на австралискиот премиер Скот Морисон. Но австралискиот премиер го избегна коментирањето на ситуацијата со Ѓоковиќ на прес-конференција, кратко повторувајќи дека „политиката не се сменила“.
Австралискиот весник „Сиднеј морнинг хералд“ објави дека Хоук уште го разгледува прашањето поврзано со визата на најдобриот светски тенисер, повикувајќи се на владини извори. На тој начин Хоук во своите раце ги држи надежите на Ѓоковиќ за освојување на 10-от трофеј на гранслем турнирот Австралија опен во Мелбурн.
Австралиски „Ејџ“ наведува дека 43-годишниот Хоук е политичар со богато искуство и големи амбиции, потсетувајќи се на неговите неодамнешни изјави.
„Политиката е многу примамлива“, кажал Хоук, нагласувајќи дека е заинтересиран да биде влијателен на политичката сцена, но оти тоа не се однесува само на парламентот.
– На некој начин, позабавно е надвор. Тоа ви дава поголема моќ – истакнал Хоук, кој има близок однос со премиерот Морисон.
На него му е препуштена тешката одлука според која треба да му дозволи на Ѓоковиќ да се натпреварува во Мелбурн во обидот да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј или да го депортира. Ѓоковиќ е прв носител на претстојниот Австралија опен што почнува в понеделник.