Казахстан

По повеќедневните немири, Казахстан доби нов премиер. Парламентот едногласно го избра Алихан Смаилов за претседател на Владата. Смаилов беше казахстански министер за финансии во периодот од 2018 до 2020 година. Во 2019 година, во кабинетот на Аскар Мамин беше и прв вицепремиер. Премиерската функција Смаилов ја извршува веќе од пред една недела, кога беше и отпуштена старата влада.
Во поранешната советска република, богата со нафта и гас, која се граничи со Русија, во изминатите денови дојде до немири и насилство, особено во градот Алмати. Старата влада поднесе оставка поради протестите предизвикани од растот на цените на енергентите и горивата во земјата, при што беа уапсени дури 10.000 учесници. Во безредијата загинаа и беа повредени голем број луѓе. Точниот број засега е сѐ уште непознат. Медиумите, повикувајќи се на Министерството за здравство, информираа за најмалку 164 загинати. Но Министерството за информации подоцна го повлече ваквото соопштение.
Во редовите на безбедносните сили, како што изјави претседателот Касим-Жомарт Токаев, има 16 загинати и повеќе од 1.600 повредени.
Бројот на цивилни жртви „во моментов се проверува“ – рече тој.

Подготвил: Дејан Србиновски