Молитвата е беседа на човечкото срце со Бога, низ која претставувајќи го невидливо Бога пред себе, човекот ги излива чувствата на својата душа пред Него. Тоа е издигнување на умот и срцето кон Бога, најсигурен мост на премин преку искушенијата на животот, нескршлива карпа на сите што веруваат, мирно пристаниште, божествени алишта што ја облекуваат душата со добрина и убавина. Молитвата е мајка на сите добра, чуварка на чистотата на телото, невиноста, сигурен бранител од сите итрини на нашиот вечен непријател – ѓаволот, најсилно оружје за одбрана на Христовото име од Неговите непријатели. Таа е просветување на умот, прочистување на душата и срцето, разбивање на очајот и тагата, раѓање на надежта, ублажување на гневот. Застапник на оние што им се суди, радост на оние што се темнина, спасение на они што гинат. Нема ништо повредно во човечкиот живот од молитвата. Таа и неможното го прави можно, тешкото лесно, непријатното – пријатно. Таа ѝ е толку потребна на човечката душа колку што му е потребен воздухот на дишењето. Оној што не се моли, се оддалечува од Бога и станува сличен на суво и неплодно дрво, кое се сече и во оган се фрла. „Молете се постојано“, вели Свети Апостол Павле, а Господ Исус Христос ни заповеда: „Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение“. Постојаната молитва не се состои само во непрекинато изговарање на молитвените зборови, туку и во нашата постојана свесност со чувство дека секогаш стоиме пред Бога, дека Господ Бог ги гледа и ги знае нашите дела, намери, помисли и желби. „Кога ги насочуваш умот и мислите кон Небото“, вели Свети Макарије Велики, „и сакаш да се соединиш со Господа, тогаш мноштво од зли духови како црн облак се надвиснува над тебе за да ти го попречи патот кон Небесата.

Но, како што старите sидови на Ерихон паднаа под силата Божја, така и сега карпите на злото, како што го спречуваат твојот ум, ќе бидат соборени од силата Божја. Кога се молиш сети се пред Кого стоиш. Биди глув и нем за сѐ што те опкружува, повикај Го Господа на помош и Тој ќе ти помогне. Искорени го секое чувство на гнев и целосно исчисти го убиственото чувство за телесна желба, кон што и да е таа насочена“. Да се молиме не само кога чувствуваме расположение за молитва туку и кога мрзеливоста, сонот, заборавеноста и сѐ друго нѐ оддалечуваат од неа. Да се молиме и кога сме радосни и кога сме во жал, кога сме здрави и кога сме болни, во немаштија и во изобилство. Кога сме силни и кога сме немоќни, кога примаме и кога даваме. Во таква молитва, ѓаволот со голема сила и искушенија ги напаѓа оние што се молат, создавајќи им страв и несигурност. Но тогаш и божјата благодат се умножува поради духовна помош. Затоа Свети Апостол Павле ќе рече: „Силата Твоја (Боже) во немоќта моја (се покажува)“, како и тоа дека „Господ нема да допушти поголеми искушенија од оние што можеме да ги поднесеме“. За да се запазиме од расеаност на умот, светите отци препорачуваат разумот да се врзува со зборовите на молитвата. Затоа подобро е молитвите да се читаат од молитвеникот, а не да се кажуваат напамет. Вака длабочениот ум во молитвените зборови не бега толку лесно на разни страни. Во молитвата не треба премногу да се напрегнуваат нервите, ни премногу да се воздивнува и вовлекува воздух, ниту пак главата да се држи премногу исправена. Напротив, треба да се молиме со длабоки, но незабележани воздишки, со вземи наведната глава, со смирени и повремено фрлени погледи врз светите икони – како оние што навистина се чувствуваат грешни и недостојни пред Бога. За човекот нема поголема утеха во тагата од молитвата. „Се мачи ли некој меѓу вас, нека му се моли на Бога“. Болестите и несреќите наши се последица на гревот. Гладот, војните, сушите, поројните и прекумерни дождови, земјотресите и другите непогоди доаѓаат поради гревот на народот. Коренот на сите несреќи лежи во нас самите. Оттаму се јавува и потребата да Му се молиме на Бога и за простување на гревовите и ослободување и избавување од сите зла. Ако, пак, некогаш упатените кон Бога молби, Бог не ги исполни, тоа е за да го покажеме нашето трпение, или поради тоа што во молитвата сме барале зло, а не добро за нашите души.

Молитвата кога сме сами, по Божја наредба, не смееме да ја сметаме за доволна. Најсилна и највозвишена молитва е заедничката молитва на Божествената литургија, кога постигнуваме единство во Бога, според Неговото ветување: „Таму каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму помеѓу нив Сум и јас“. Во молитвата не смее да се бара земна слава, материјални богатства, суетни и преодни нешта, туку, како што вели Господ Исус Христос: „Најнапред барајте го Царството небесно и Славата Негова, а преостанатото ќе ви се додаде“. Внатрешното молитвено чувство го изразуваме осенувајќи се себеси со крстниот знак. Според светото предание наследено од апостолите и светите отци, православниот христијанин треба да се осенува со знакот на светиот крст. Тоа треба да го прави со посебно внимание и на посебен начин: Најпрво, ги составува палецот, показалецот и средниот прст од десната рака, како симбол на Светата Троица. Така составени, ги става на челото, велејќи: „Во името на Отца“, па под градите, изговарајќи ги зборовите „и Сина“, и на крајот на десното и левото рамено велејќи „и Светиот Дух. Амин“. Потоа спуштајќи ја раката, лесно се поклонува. Соединетите три прста ја означуваат нашата вера во Пресветата Троица: Бог Отец, Бог Син и Бог Свети Дух…, а двата свиткани прсти ја означуваат нашата вера во Синот Божји Исус Христос, односно верата во неговата двојна природа – дека Он е и Бог и Човек и дека заради нашето спасение слезе од Небесата на земјата. Крстниот знак го ставаме на челото за да го просвети нашиот ум и да ги освети нашите мисли; на градите – за да ни го освети срцето и да ни ги облагороди чувствата; на рамената за да ни ги зацврсти и освети телесните сили и да го повикаме благословението врз делата на нашите раце. Крстниот знак го симболизира повикувањето на Божјото име и славословувањето на Бога.

Затоа тој се извршува секогаш при влегување и излегување од светиот храм, кога свештеникот возгласува: „Благословен е нашиот Бог….“, при секој возглас со кој се оддава слава на Пресвета Троица; при зборовите: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ и при секој друг почеток на молитва; при зборовите: „Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух“ и при кое било славословие кон крајот на молитвата. Како што не треба да го повикуваме Божјото име напразно, без неопходност и ненабожност, така и крстниот знак не треба да го правиме често и брзо, и притоа небрежно претварајќи го во бесмислено движење на раката. Невнимателното осенување со крстот Го жалости Господа и грев прави оној што неправилно се крсти. Таквото крстење не само што нема никаква сила туку, напротив, претставува радост на нечестивиот (ѓаволот), зошто тоа е веќе оружје против бесовите. Со силата на крстот светителите лекувале болни, воскреснувале мртви и им помагале на луѓето правејќи секакви чуда. Црковната песна го восфалува чесниот крст со зборовите: „Крстот е чувар на вселената, крстот е украс на црквата, крстот е силата на владетелите, крстот е слава на ангелите и пропаст на демоните“. Земјата беше неоформена и пуста: имаше темнина над бездната и Божјиот дух лебдеше над водата – опис даден во библиското битие за настанувањето на светот. Век пред моето раѓање, 19 век. Времето на моето раѓање, 20 век. И векот што го живееме, 21 век. Човечката цивилизација, човечкиот род, во трите столетија: – Силно ја загадија земјата, – ја загадија водата, – ги загадија воздухот и небесата, утрински sирка сонцето. Библискиот човек стана само човек земја?! Зошто? Затоа што царуваат, завладеаја сите видови на пороци со човечката душа – ум и разум. Ние, Македонците, да се исчистиме од калта на гревот. Ако не се продуховиме, просветлиме, стануваме – човек од земја без душа. Ние Македонците треба да го кренеме погледот, мислата кон небеса, кон сонцето, кон Бог!

Крај