И покрај ентузијазмот на албанскиот политички блок во Македонија за релативизирање, па дури и отстранување на нашите државни гранични премини со Косово и со Албанија, во македонската јавност и кај безбедносните експерти сепак постои резервираност за какви било избрзани и несоодветни одлуки во таа насока
Најпрво педантно меѓународноправно
регулирање на односите, потоа „отворање“
на границите на Балканот
Слободното движење на граѓаните и стоките, без (долготрајни) контролни процедури на граничните премини, е првичната привлечна асоцијација на земјите од Западен Балкан за членството во ЕУ. Со оглед на долгорочната неизвесност на земјите од овој регион за нивната европска иднина како полноправни членки на ЕУ, сѐ повеќе дури и самата Унија ја форсира идејата за поблиско, побрзо и поефикасно регионално поврзување. Симптоматично и таквите идеи за регионално поврзување во некој вид „Балкан без граници“ се развиваат како некакви паралелни иницијативи, сѐ уште исполнети со скептицизам и недоверба едни спрема други. Наспроти иницијативата „Отворен Балкан“, во која засега се вклучени Македонија, Србија и Албанија, а Косово категорично ја дисквалификува како „великосрпска“, додека БиХ и Црна Гора се воздржани, владите на Косово и на Албанија работат на олеснување на меѓусебното слободно движење на граѓаните и стоката, односно ги интензивираат процесите на отстранувањето на границата меѓу овие две земји. По последниот состанок на владите на Албанија и на Косово, одржан пред два месеца, министрите за внатрешни работи на Албанија и на Косово, Бленди Чучи и Џелал Свечла, се договориле на границата да се постават камери за следење на возилата што влегуваат и излегуваат од државите, но да не се бараат пасоши или лични карти од граѓаните што ја минуваат границата.
Според некаков политички условен рефлекс, идеите и иницијативите за отстранување каква било форма на државна бариера меѓу Албанците во регионот наидува на раширени раце кај претставниците од албанскиот политички блок во Македонија.
Па, така, вицепремиерот во македонската влада, Артан Груби, за косовски медиуми речиси експресно кажа дека во Македонија се заинтересирани да се отстрани во целост границата со Косово, но во почетокот се работи на тоа да има единствена гранична контрола. Косовскиот медиум потсетува дека Демократската унија за интеграција долго време работи на ова прашање, па наведува и изјава на нејзиниот лидер Али Ахмети на предизборен партиски митинг, одржан на 19 април 2014 година во Куманово, кога порачал дека „нема ништо лошо во тоа меѓу Македонија, Косово и Албанија да нема граници“. Заложба за отстранување на границите искажа и движењето Беса. На 26 ноември 2021 година таа го „поздрави потпишувањето на договорот меѓу Албанија и Косово за отстранување на границата меѓу двете земји“, порачувајќи: „Овој пример треба да го следи и да го применува и Македонија. Ваков договор со соседните земји ќе влијае позитивно врз интегрирањето во ЕУ“.
И покрај ентузијазмот на албанскиот политички блок во Македонија за релативизирање, па дури и отстранување на граничните премини со Косово и со Албанија, во македонската јавност и кај безбедносните експерти сепак постои резервираност за какви било избрзани и несоодветни одлуки во таа насока.
– Предизвикот на подготвеноста на државите во Западен Балкан за своевидно укинување на границите, по урнек на шенген-зоната во ЕУ, не е во менталитетот, туку во уреденоста на правната и полициската контрола на премините. Далеку сме од уреденост на тоа кој, што, до каде и колку ќе може да контролира, во смисла правна, правосудна и полициска надлежност. Од тој аспект сѐ уште се големи ризиците за увоз и прелевање безбедносна нестабилност. Особено во односите со Косово, како да се зборува за укинување на меѓусебната граница со некој што има контрадикторни безбедносноправни постапки, толкувања и однесување за повеќе случаи на криминал и тероризам извршен на територијата на Македонија. Со години не се испорачуваат првообвинетите и осудените за случајот „Монструм“, односно сторителите на петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кај Скопје, кои побегнаа на Косово. Потоа го имаме и случајот со кумановската група, која дојде токму од Косово и изврши терористички акт во кумановското т.н. Диво Насеље. Да не зборуваме за строители на грабежи и други криминални дејства во Македонија, кои и досега непречено бегаа и сѐ уште се кријат на Косово, а никој не ги гони. Со таква блиска „историја“ на бегства и заштита на сторители на криминални дејства во Македонија на Косово, избрзаното отворање на границите е чиста непромисленост и неконтролиран безбедносен ризик – смета универзитетскиот професор и безбедносен експерт Оливер Андонов. Андонов смета дека Македонија во однос на каков било проект за отворање (укинување) на границите со соседите треба да се води од сопствениот државен интерес, а не да избрзува за некаков партиски интерес и популизам на одредени етнички и партиски фактори. Воопшто, за реализација на проект како што е укинување на контрола на гранични премини на Балканот, претходно е потребно правно, правосудно и полициско регулирање на безбедноста, за да се форсира понатаму економска, трговска и царинска либерализација.
– Правната, правосудната и полициската соработка се приоритет во спроведувањето на идејата за Балкан без граници. Во моментов ни претстои многу работа, па сѐ изгледа како далечна иднина, која се постигнува со интеграцијата во ЕУ. Но и ако влеземе во ЕУ, потоа ќе бидат потребни години за исполнување на условите за влез во шенген-зоната. И денес, дури и меѓу земјите-членки на ЕУ, кои не се дел од шенген-зоната, како Бугарија, Романија, Хрватска, и понатаму постојат гранични премини спрема другите земји-членки на Унијата – вели Оливер Андонов.
Што се однесува до олеснувањето на граничните процедури за влез во соседните земји, професорот Андонов смета дека од поприоритетен интерес за Македонија е да работи на такви договори со Грција и со Бугарија, кон кои македонското население повеќе гравитира од економски, па и туристички аспект.
– Она што нам ни одговара е побрз излез кон земјите на ЕУ. Секако, од интерес ни е секоја соработка и олеснување на комуникација со секој од соседите, но првично и пред сѐ тоа треба да биде правно безбедносно регулирано. Избрзаната одлука за неконтролирано укинување на границата со Косово, може понатаму, освен безбедносен, да има демографски и економски ризик – потенцира Андонов.
Согледувајќи го поширокиот регионален, па и поголем геополитички контекст, безбедносниот експерт Методи Хаџи-Јанев предупредува дека каков било процес во насока на релативизирање на некоја од границите на Западен Балкан може да предизвика каскаден ефект на слични желби, што секако ќе создаде голем безбедносен ризик од покрупни размери.
– Секоја идеја за укинување на границите меѓу Албанците во регионот личи на аргумент дека се спроведува Тиранската платформа, за која сѐ уште велат дека не постои. Тоа, секако, ги активира и стравовите за каскаден ефект на слични барања за поврзување на другите исти етникуми во другите држави во регионот, што сериозно го подигнува нивото на безбедносен ризик. Ако меѓународниот фактор дозволи укинување на границата на Косово спрема преостанатиот албански елемент во регионот, вклучувајќи ја и Македонија, во истиот миг пропаѓа дејтонскиот проект за одржување на унитарноста на Босна и Херцеговина, што само по себе содржи опасност од верижна реакција со сериозен безбедносен ризик од пошироки размери. Укинувањето на границите меѓу Македонија и Косово во овој миг е лоша идеја, па и со задни намери – смета безбедносниот експерт Методи Хаџи-Јанев.