Во „Колибри“ објавуваме делови од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на познатиот македонски писател за деца Киро Донев. И ова дело на мајсторот на римите е ведра, интересна и поучна книга, а преку белешките на сестричката и братчето, двајцата палавковци, ќе можете да ѕирнете во нивниот шарен свет, по нешто да научите, да се насмеете и со нетрпение да го очекувате секој нареден број на вашето омилено четиво
Низ страниците на македонската литература за деца. „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев (5)
Имам медна малечка тајна. Не е ниту за фалење, ниту за криење… За време на зимскиот распуст бев на Шара. Првпат на скијање… Кој не чул за Шара, за Попова Шапка? За таа наша убавица, за снежнобелата „капка“?
Човек таму сал еднаш да иде – нејзин вљубеник цел живот ќе биде! Ова може претерано ќе ви звучи, но нешто волшебно на Шара се случи! Нешто што го тера срцево да ми пее. Нешто како оган, невидлив – но што грее…
Ќе ви го кажам и ова што сакам да го „скријам“. Отидов на Шапка, но не знам да скијам. За тоа дури и се скарав со братот.
– Без тренинг – ми вели – ќе го скршиш вратот!
Но со мене беше и другарка ми Мила. А таа на скијање многупати била. И таа ме натера бргу да се одлучам.
За еден ден – ми рече – на сѐ ќе те научам! На таков супер терен, се бргу се учи. Ништо лошо, Зоре, не ќе ти се случи…
Мила е, верувајте, девојче без мана. Како што ми рече така и стана.
Уште првиот ден кога излеговме да ме учи, нешто неочекувано и пријатно ми
се случи. Шпартајќи ваму-таму по „снежното море“, како стрела долета до нас еден синоок Боре!
– Да ве прашам нешто – рече – мои мили дами… Со тато и мама сте овде или, пак, сте сами?
– Зар е важно – реков. – А кој си ти, те молам!
– Тренер – ми вели – во скијачка школа! Гледам тешко се движите по снежново бело платно. Би можел да ве подучувам, за почеток бесплатно…
– Сал тоа го рече и како фортуна прудолу летна. Летна што летна, но приквечер – пак нѐ сретна!
Ми вели:
– Како се снаоѓаш со скиите, Зоре, по ова бескрајно смрзнато море?
– Супер! – му вратив. – Како стопати тука да сум била…
– Нема бегање од овој, Зоре – на уво ми шепна Мила. – Да не се правиме при очи слепи. Очигледно дека тебе ти се „лепи“…
И по ова што да ви кажам? Не сум од оние „мижи да те лажам“… Сосема спонтано си се спријателивме и цели десет дена не се разделивме…
Но нели се вели и секој знае, дека сѐ што е убаво – многу кратко трае… Но тоа кај мене не излезе така. Тој палав Боре, со очи како море – навистина го сакам!
Ете, тоа чувство срцето ми го „јаде“. На разделната златна обетка ми даде. Еве си ја носам обесена на ушево. И како да е до мене Боре, а не дури во Крушево…
Вашата Зорка Сештозборка
За авторот
Познатиот македонски писател за деца и млади Киро Донев е роден во селото Моноспитово, Струмичко, на 21 март 1942 година. Беше новинар, главен и одговорен уредник и директор на „Детска радост“ при НИП „Нова Македонија“. Член е на ДПМ од 1970 година. Денес, како пензионер, живее во родното село.
Автор е на голем број книги за деца, почнувајќи од првата поетска збирка „Жаба спикер“, издадена во 1967 година, до последната „Било и се скрило“, издадена по половина век, во 2017 година.
Автор е и на десетина радио и ТВ-драми за деца и млади. Неговите книги се преведени на: српскохрватски, турски, албански, бугарски, украински и руски јазик.
Добитник е на наградите: „Гоцева повелба“ – Подгорци, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Курирче“ и „Струшко изгрејсонце“ на фондацијата „Македонија презент“ и „Големиот принц“ од издавачката куќа „Феникс“.
Негово последно дело е книгата „Видое Подгорец – незавршена приказна“, романизирана биографија, која Донев ја напишал за својот соработник и пријател или, како што тој честопати знае да каже, „батко и духовен татко“.