Во најтесниот круг во изборот за 2021 година се Левандовски, Меси и Салах. Бразилецот Роналдо е најмладиот победник, Португалецот Кристијано Роналдо и Аргентинецот Меси се рекордери со по 14 пласмани меѓу првите тројца, само четворица од 94. фудбалери на првите три места досега беа дефанзивни играчи (победи само Канаваро), само двајца беа голмани…
ИЗБОР НА ФИФА НА НАЈДОБРИТЕ ЗА 2021 ГОДИНА
Роберт Левандовски (Полска), Лионел Меси (Аргентина) и Мохамед Салах (Египет) се во трка за наградата „најдобар“ на Светската фудбалска федерација (ФИФА), за најдобар фудбалер за 2021 година. Прогласувањето треба да се одржи на 17 јануари. Ова е 31. издание на изборот во организација на ФИФА.
Левандовски, Меси и Салах гарантираат дека три континента ќе бидат претставени на подиумот, првпат по 16 години, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Истите три континента, Африка, Европа и Јужна Америка, беа претставени во 2005 година, со Самуел Ето, Френк Лампард и со Роналдињо. Од ист континент трипати имаше фудбалери меѓу првите тројца, и тоа од Европа, во 1991 година (Лотар Матеус, Жан Пјер Папен и Гари Линекер), во 1992-та (Марко ван Бастен, Христо Стоичков и Томас Хаслер) и во 2001 година (Луис Фиго, Дејвид Бекам и Раул), пишува ФИФА.
Бразилецот Роналдо имаше 20 години кога ја доби наградата во 1996 година, со што стана најмладиот добитник досега, пишува ФИФА. Лионел Меси е втор на оваа листа, со 22 години.
Потребни беа 30 години за играч од германската Бундес-лига да ја освои наградата, откако Роберт Левандовски од Баерн минатата година го доби признанието, пишува ФИФА. Беа потребни 17 години за еден играч од Премиер-лигата на Англија да триумфира, благодарение на Кристијано Роналдо од Манчестер јунајтед во 2008 година.
Португалецот Кристијано Роналдо заврши меѓу првите тројца во рекордни 14 последователни години од 2007 до 2020 година. Меси се најде меѓу првите тројца заедно со својот ривал во секоја од тие години, освен во 2018 година, но се изедначи со Португалецот во изборот за 2020 година.
Луис Фиго го победи Дејвид Бекам со само 12 поени предност (250-238) за да го освои трофејот во 2001 година, со рекордно најмала пропорционална разлика. Најубедливиот победник досега е Бразилецот Роналдо, во 1997 година, со 480 поени наспроти 85-те на второпласираниот Роберто Карлос.
Рекордни осум трофеи му припаднаа на Бразил благодарение на Ромарио (победи во 1994 година), Роналдо (1996, 1997 и 2002), Ривалдо (1999), Роналдињо (2004 и 2005) и на Кака (2007). Аргентина и Португалија се следните со по шест први места, при што за Аргентина сите ги освои Меси, а за Португалија пет Роналдо и еден Луис Фиго. Франција има три, сите благодарение на Зинедин Зидан, а Италија е единствената друга земја со повеќекратни триумфи, два, со Роберто Баџо и Фабио Канаваро со по еден.
Само четворица од сите фудбалери на првите три места досега во изборот на ФИФА беа дефанзивни играчи. Италијанецот Паоло Малдини и Бразилецот Роберто Карлос беа втори во 1995-та, односно во 1997 година, Фабио Канаваро го освои трофејот во 2006 година, откако ѝ помогна на Италија да победи на Светското првенство, а Холанѓанецот Вирџил ван Дијк беше второпласиран, зад Меси, во 2019 година. Само двајца голмани, пак, се качија на подиумот, и тоа Германецот Оливер Кан беше втор, зад Бразилецот Роналдо во 2002 година, а Мануел Ноер од Германија беше трет во 2014 година.