По неполни десет месеци во притвор, Орце Камчев излегува од затворот „Скопје“ во Шутка. Кривичниот совет на Апелација одлучи да ја прифати гаранцијата од над 11 милиони евра. Нему му е укинат притворот, но патните исправи му остануваат во суд. Информацијата ја потврдуваат од Апелација за „Макфакс“.
Оттаму посочуваат дека сега, ќе треба да се завршат процедурите за запишување на хипотека, по што, Камчев ќе се брани од слобода во случајот „Плацови на Водно“. Бидејќи Камчев е на лекување во болницата „Систина“, каде ја дочека Новата година, тој практично нема да се врати во затворот, туку директно заминува дома по третманот.
„Уважена е жалбата и укината е мерката притвор со прифаќање на гаранција. 10.996.453 евра, дел е во недвижности, дел има и во готовина“, велат од Апелација.
Камчев беше уапсен и спроведен во Кривичен суд во март минатата година. Прво, полицијата го спроведе во станица, а потоа, беше донесен пред судија на претходна постапка. Обвинителката Лиле Стефанова беше децидна дека Камчев спрема бегство за да се спаси од кривичен прогон за предметот „Плацови на Водно“ каде е обвинет. Тогаш, обвинителката Вилма Русковска кажа дека информацијата за бегство дошло од тајната полиција на АНБ. Откако му беше одреден притворот, Камчев негираше дека планирал бегство.
Во текот на десетте месеци поминати во притвор, Камчев обвинуваше дека врз него била вршена тортура во затворот. Директорот на затворот, Филип Андов, го негираше тоа. Тогаш, тој посочи дека Камчев е максимално заштитен. Тортура, не констатираше ниту Народниот правобранител. Одбраната на Камчев поднесе и кривични пријави против судиите кои му го одредија притворот, но нема информација дали се процесуирани. Додека беше во затворот се жалеше и на здравствени проблеми, како и дека не му биле овозможени прегледи. Овие наводи беа демантирани.
Притворот на Камчев беше продолжуван на секои 30 дена, бидејќи судиите беа децидни дека може да избега.