Симптоматологија на грипот и коронавирусот е многу слична, а каков ќе биде текот на болеста зависи од повеќе фактори, како општата здравствена состојба, присуството на хронични болести, возраста…
Флурона претставува истовремено присуство на вирусите што предизвикуваат ковид-19 (САРС-КоВ-2) и грип (инфлуенца) кај една индивидуа.
– Првиот објавен случај е од пред неколку дена кај бремена жена во Израел, иако неколку случаи биле детектирани во САД во 2020 – објаснува д-р Мери Киријас, имунолог од Институтот за имунобиолгија и хумана генетика.
Таа не била вакцинирана ни против ковид-19 ниту против грип, а инфекцијата била со лесна симптоматологија на горно респираторна инфекција.
– Во последните неколку недели се забележува пораст на случаите на грип, не само во нашата земја туку и во други земји во светот. Бидејќи станува збор за вируси кои се шират на истиот начин, преку респираторни капки или аеросоли ослободени при зборување или кивање, не изненадува фактот дека можат истовремено да инфицираат иста индивидуа. Симптоматологија е многу слична, а каков ќе биде текот на болеста зависи од повеќе фактори како општата здравствена состојба, присуството на хронични болести, возраста – објаснува д-р Киријас.
Таа вели дека по заразување со еден вирус (на пример со грип или друг респираторен вирус) одбраната на организмот опаѓа, па можно е да се јават компликации или секундарни инфекции.
– Редовно не се тестира истовремено присуство на вирусите на САРС-КоВ-2 и инфлуенца и затоа не можеме да знаеме со сигурност колку е всушност честа оваа појава. Тоа што го знаеме и на кое можеме да влијаеме е превенцијата. Луѓето треба да продолжат да ги следат превентивните мерки: одржување дистанца, носење маска, избегнување метежи и слабо вентилирани места, често проветрување на просториите и често миење на рацете, додека сѐ уште најдобар начин за заштита и спречување на тешка инфекција со САРС-КоВ-2 и инфлуенца претставува вакцинацијата – вели д-р Киријас.
Инаку, во Хрватска денес е потврден првиот случај на флурона, како што истакна началникот на Службата за клиничка микробиологија, Јасмина Вранеш, за хрватскиот јавен сервис ХРТ.