Групата „Колдплеј“ ќе престане да снима музика како бенд во 2025 година, изјави лидерот на бендот Крис Мартин, во интервју за британското Радио 2.
– Нашата последна вистинска плоча ќе излезе во 2025 година и мислам дека само ќе одржуваме концерти потоа. Можеби ќе правиме некои работи заедно со други уметници, но музичкиот каталог на „Колдплеј“ како таков завршува тогаш – рече Мартин.
Неговите забелешки се во согласност со она што го кажа кога излезе деветтиот албум на бендот, „Music Of The Spheres“, кој дебитира на првото место на топ-листите лани.
Неодамна во интервју за „Би-би-си“, Мартин изјави дека за неговата следна турнеја бендот ќе користи дел од електричната енергија од подиумот за танцување, кој генерира струја кога обожавателите ќе скокнат на него.
Ова е дел од планот од 12 точки за намалување на јаглеродниот отпечаток на бендот, две години откако „Колдплеј“ објави дека нема да настапува додека не најде начин да го направи тоа на поодржлив начин, пишува „Би-би-си“.