Музиката е многу важен збор во семејството Имери. Разбирливо, бидејќи сите негови членови, сопружниците Дамир и Будимка, синовите Ади и Дино, снаата Дијана, па и шестгодишната внука Гала, се допрени од бога со неверојатна дарба. Сите се успешни во она што го прават и оставаат траги со своите професионални ангажмани, се разбира поврзани со музиката, не само дома туку и во светот. Токму поради таа магична креaтивна атмосфера околу нив, кога ги прашавме кој би бил нивниот втор збор за музика, ни рекоа: „Mузиката за нас е љубов, живот, тишина, радост, дом каде што сите припаѓаме…“
Дамир Имери: Музиката се пренесува преку гените
Таткото на семејството, Дамир Имери, уште во родниот Задар, каде што ги минал раните детски години, бил опкружен со музика, а иако тој е првиот професионален музичар во семејството и неговите две сестри биле многу музикални.
– Мојата музичка приказна не почна по моја иницијатива. Учителката Ѓурѓица ме насочи, имав среќа и го прифатив тоа, ми се допадна и така се трасираше мојот пат. Бидејќи мојот прв инструмент беше хармониката, во потрага по знаење и дружење некако стигнав до КУД „Китка“, а подоцна и до мал „Танец“. Ја слушав и ја изучував народната изворна музика, а се разбира и староградската. Поминува музиката низ гените, научно е докажано, па ќе видиме што ќе донесе иднината – ни рече Дамир Имери.
Иако досега не се обидел како автор, лани за време на пандемијата на коронавирусот, кога сѐ запре, почнал да создава нешто свое.
– Жанровски мене тешко е да ме врамиш, па тоа ќе биде некоја моја музика – ни откри Имери.
Будимка од куќата направи дом
Неодамна во Загреб, каде Дамир Имери свиреше на концерт на Влатко Стефановски, беше и сопругата Будимка, која е дипломирана флејтистка. Се разбира ги споила музиката.
– Со Будимка првпат се сретнавме во Средното музичко училиште во Скопје. Таа вели дека кога првпат влегла по скалите во музичкото, налетала на мене и оттогаш сме заедно. Будимка е главна во нашата куќа, се грижи за сѐ, ја прави атмосферата и куќата ја претвора во дом, а ние само ја следиме – ни рече Дамир.
Будимка, која работи во МРТ во музичката продукција, каде што е продуцентка за класична музика, својот последен јавен настап го имала со квартетот „Сирингс“.
– Дамир за да ме поттикне да свирам, бидејќи одлучив целосно да му се посветам на семејството, направи аранжмани на прекрасни македонски народни песни и со квартетот настапивме и на „Охридско лето“, а снимивме и цеде во студио „Тра-ла-ла“ – вели таа.
Како автор се обидела само еднаш кога напишала песничка за деца, а можеби внуката Гала ќе ја поттикне да продолжи да твори. Будимка се потсети и на атмосферата во нивниот дом кога сите вежбале, а подоцна им се приклучила и снаата Дијана, која кај нив ги правела своите оркестрации.
– Пред да се ожени Дино, тука беше многу интересно: Дамир во дневната свиреше, Дино во нивната соба, Ади во кујна, бидејќи е помобилен со гитарата, а и Дијана тука правеше оркестрации. Од секаде искреше од музика – ни откри таа.
Браќата ја научија музиката како азбуката
А како влијаела оваа креативна атмосфера на Ади и на Дино?
– Растевме во иста соба и имавме среќа да научиме музика како што други учат азбука. За нас таа е секојдневие и реалност. Нешто што континуирано се развива и ќе се развива сѐ додека сме живи – ни рече Ади.
Тој предава гитара во МБУЦ „И.Н. Луј“, од скоро е член на групата „Фулиш грин“ и подготвуваат нов албум што треба да излезе во март.
– Подготвувам и соло-албум, а во последно време сѐ повеќе се ориентирам кон создавање филмска музика. Со Дино работевме на музиката за телевизиската серија „На терапија“ и полека, полека нѐ носи патот и двајцата во тие води – открива тој.
Неговиот брат Дино Имери е еден од најуспешните млади пијанисти. Веќе има титула магистер и работи како професор по пијано на ФМУ.
– Последнава година и пол одржав четириесетина концерти, снимив два албума, третиот е на пат, пишував музика за театар. Премиерата на претставата на групата „Атропија“ за која создадов музиката е еден од моите последни ангажмани за оваа година. Исто така одржав концерти во Словенија, Норвешка, Данска, исклучиво со изведба на класична музика, а еден од албумите што го работев е со моја авторска музика – вели Дино.
И тој со сопругата Дијана, дипломирана диригентка, вработена во Македонската филхармонија, се поврзал преку музиката.
– Дино се дружеше со брат ми, Бојан Илкоски, кој е виолинист, со кого соработува веќе десетина години и на музички план. Се разбира, музиката беше нишка што нѐ поврза, секогаш ни беше заедничка тема, ни се совпаѓаа вкусовите, размислувањата – вели Дијана, која е еден од најнадежните македонски диригенти.
Нивната ќерка Гала е многу музикална, а музичкиот ген го наследила и од семејството на Дијана, каде што има навистина голем број професионални музичари, ама засега немаат намера да ја запишуваат во музичко училиште.
Желби за 2022 година
А што се однесува до желбите на семејството Имери за 2022 година, Дамир посака сите луѓе успешно да ги пребродат овие кризни периоди, пред сѐ пандемијата и ред други, кои се предизвик за човештвото.
– Повеќе љубов и разбирање добро би им дошле на сите – вели тој.
Будимка им посака здравје и спокој на сите, а Ади им порачува на луѓето да не се сфаќаат себе толку сериозно и повеќе хумор да поканат во животот. За Дијана најважно е здравјето и сите членови на семејството да се на број, а Дино има желба со сопругата да има заедничка турнеја в година, под нејзино диригенство. Сите посакуваат во иднина да направат голем семеен музички проект.