Рангирањето на УЕФА се базира на резултатите на клубовите што се натпреваруваат во Европа, а ги одредува пласманот на секој клуб во соодветните ждрепки на УЕФА и бројот на местата доделени на една фудбалска асоцијација во претстојните клупски натпреварувања

ФУДБАЛ – КЛУПСКА ЛИСТА НА УЕФА

Баерн ја почна и ја заврши годината на врвот на клупската листа на Европската фудбалска унија (УЕФА), а англиското трио Челси, Ливерпул и Манчестер сити направи огромен чекор напред во 2021 година, пишува УЕФА на својата интернет-страница. Баерн втора година по ред води во клупската листа, а истиот успех го оствари и Лион во женска конкуренција.
Според петгодишниот коефициент, германскиот првак Баерн е прв, сега пред англискиот шампион Манчестер сити, кој скокна четири места во однос на минатата година, а по напредокот од по седум позиции трет е Ливерпул, а четврти е европскиот првак Челси. Следуваат Реал Мадрид (пад за едно место во однос на лани), Пари сен Жермен (скок за едно место), Барселона, Јувентус (пад за по пет места), Манчестер јунајтед (деветти, како и минатата година), Атлетико Мадрид (пад за пет места)…
На листата за фудбалски клубови за жени, францускиот Лион сега води пред европскиот првак Барселона, а потоа на листата се Волфсбург, Баерн, Челси, Пари сен Жермен, Манчестер сити, Славија Прага, Атлетико Мадрид, Розенгорд итн.
Рангирањето на УЕФА се базира на резултатите на клубовите што се натпреваруваат во Европа, со бодови што се освојуваат за победи, ремија, квалификации и друго. Рангирањето потоа ги одредува пласманот на секој клуб во соодветните ждрепки на УЕФА и бројот на местата доделени на една фудбалска асоцијација во претстојните клупски натпреварувања, пишува УЕФА.