Зоран Заев и официјално ја поднесе оставката од функцијата премиер на Влада во законодавниот дом.
Во текстот на оставката која досегашниот претседател на Владата ја испрати до претседателот на Собранието и до пратениците, како што соопштија владините служби, Заев ја образложува одлуката за неговата постапка.
– Со ова мое писмо ве известувам дека поднесувам оставка од функцијата претседател на Владата на Република Северна Македонија. Оваа моја одлука ја презедов како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати. Резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој се наоѓа земјата имаа и национална политичка тежина. Во вакви услови, за мене лично и за мене како премиер, поради политиките во кои верувам, поради демократските и европските вредностите во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам Владата на евро-атлантскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, со успех и за граѓаните и за државата – пишува Заев во писменото образложение.
Тој потенцира дека е горд што изминатите години имал поддршка од сите етнички заедници.
– Во сите предизвици има периоди на мир меѓу две битки, денови кога ентузијазмот ослабнува, кога се соочуваме со неисполнување на тоа што се очекува и што е договорено. Но, едно е сигурно дека никогаш нема да има денови, ниту ситуации, кога тие моменти биле причина да се откажеме од остварувањето на нашата голема цел што си ја поставивме со сите наши граѓани само пред четири години. За време на моите мандати како премиер, донесовме историски одлуки поради кои Северна Македонија наместо како „поранешна република“, без свое трајно и суверено потврдено место во друштвото на народите, го доби тоа што ѝ припаѓа според нејзиното достоинство и историски заслуги – вели Заев во напишаното.
Со констатирањето на оставката на Заев во оставка ќе биде целиот негов кабинет, а потоа шефот на државата, во рок од десет дена, треба да одреди нов мандатар кој би составил нова влада и програма во период од 20 дена.