Суперхероите Спајдeрмен и Бетмен заедно со Дедо Мраз утринава имаа исклучително важна акција спуштајќи се на терасите на детската клиника во Скопје.
Со помош на јажиња неколкумина волонтери од тимот за спасување на планина при Црвениот крст, облечени во костимите на суперхероите од анимираните стрипови, се спуштија на терасите на клиниката и со новогодишни пакетчиња ги израдуваа децата кои моментно се хоспитализирани во детската клиника во Скопје.
Акцијата е традиционална и годинава се одржува по четврти пат. Од Црвениот крст велат дека ќе се трудат да ја продолжат традицијата бидејќи не може со зборови да се опише неизмерната среќа на детските лица кога омилените суперхерои доаѓаат за да им дадат новогодишен поклон.