Турски хеликоптер прелетал ниско над грчкиот остров Ро, на што претставници на грчката војска одговориле со истрели во воздух за да го натераат леталото да се оддалечи. Како што јави дописникот на МИА од Атина, грчкото Министерство за одбрана засега официјално не го потврди инцидентот.
Сепак, извори од Министерството за грчката телевизија Скај го потврдиле настанот што се случил прексиноќа во 22.30 часот. Според информациите во грчките медиуми, хеликоптер, кој ѝ припаѓа на турската крајбрежна служба, летал ниско над островот Ро што се наоѓа во близината на брегот на Турција. Кога грчките граничари слушнале бучава од хеликоптерски мотор во непосредната близина од околу 100-200 метри, веднаш реагирале со истрели за да се оддалечи турскиот хеликоптер.