Посети го музејот
Општинската установа Музеј на Град Неготино е основана во 1978 година и е институција од областа на културата. Првата изложба била организирана во 1978 година и содржела материјали од ликовното творештво на познатиот ликовен уметник Димче Протуѓер. Установата располага со изложбен простор од 450 квадратни метри за постојани музејски поставки и околу 100 квадратни метри за повремени изложби. Во 2008 година е дограден дел од дополнителни 200 квадратни метри со донација од италијанската амбасада преку фондацијата „Тиквешки вински пат“ за развој на вински туризам. Денес во овој простор се наоѓа етнолошко-винската поставка, а во долниот дел е сместен Лапидариумот, кој содржи дел од збирката на камена пластика на Музејот на Град Неготино.
Музејот на Град Неготино е културна, просветна и научна установа, која преку систематско истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на музејскиот материјал, го шири образованието за културното наследство, трајно ги задоволува културните потреби на работните луѓе и граѓаните и придонесува за унапредување на стручната и научноистражувачка работа и развој на културата, науката, образованието и други дејности. Тоа е музеј од општ карактер, односно комплексен музеј во кој работењето се организира преку организациони единици – одделенија, меѓу кои Одделение за археологија, Одделение за историја, Одделение за етнологија, Одделение за ликовна уметност.