Васко Ташковски, сликар
Познатиот македонски ликовен уметник, академик Васко Ташковски (84) последниве месец-два еден дел од денот задолжително минува во Националната галерија во „Даутпашиниот амам“, каде што е поставена неговата ретроспективна изложба, која ќе биде отворена до 15 декември. Овој редок настан, досега предизвика голема посетеност, а освен на отворањето, изложбата секојдневно ја посетуваат љубители на уметноста и почитувачи на делото на Ташковски, кое е навистина за почит: околу илјада масла, над 3.500 акварели, над илјада цртежи, но и графики, сценографии и над 12.000 идејни скици, 50 самостојни изложби, голем број награди… Често посетителите со него разговараат за некоја од сликите, младите го прашуваат за техниките, а постарите за она што оставило неизбришливи траги во неговата долга и плодна кариера. И на сите прашања Ташковски љубезно одговара, споделувајќи со сите дел од своето искуство, знаење, својот животен багаж… За значењето на Ташковски надвор од нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствениот македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание) што е претставен во едицијата „Сликари на фантазијата“ (од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали) од 1974 година.
Какво е чувството да сте овде со речиси сите свои слики создадени во повеќе ваши креативни периоди?
– Ретроспектива се прави еднаш во животот, и тоа при крајот на кариерата, и може да се види избор на слики од почетоците, па до последните дела. Нормално, на секој автор му е драго да си ја собере на едно место „фамилијата“. Тука се изложени 140 слики од сите периоди и од сите сликарски техники: цртежи, акварели и масла, кои се најмногубројни, бидејќи тука најдобро може да се изрази уметникот. Не се хронолошки поставени, туку тематски. Така, во една просторија има акварели и цртежи, во друга има големи формати, но сите се тематски поврзани, а најмногу има со еколошка тема. Во моето творештво има и мотиви што се повторуваат, како крајморските пејзажи и пристаништа, планини, Охрид како инспирација, човекот како пејзаж, урбани мравјалници, енергии во просторот, коњи…
Сигурно има и некои слики што се поврзани со ваши лични приказни?
– Секоја слика има своја приказна, односно идеја, и во текот на работата се доградува. Јас повеќе создавам циклуси. Не можев, на пример, Охрид да го претставам во една слика и имав циклус со акварели: Охрид и архитектурата, езерото, пастрмките, црквите, историјата, чинарот, фрагментите… Сето тоа може да се види во моите дела, во циклусот посветен на нашиот древен град. Имам и циклуси поврзани со коњите, работени во подолг период, од јавачи на апокалипсата, преку носач на енергии, Свети Ѓорѓија, крик, сѐ до најновиот „Носач на стара архитектура“, на кој работам во моментот.
Точно ли е дека во голем број ваши дела човекот се претопува со околината?
– Да, на пример во циклусот „Човекот како пејзаж“, тој влегува во него, а кога излегува од пејзажот, сѐ што видел, почувствувал, сите треви, вода, камења, тоа влегло во него и тој излегува прероден. Новото искуство е впиено во него и тоа е неговата нова природа.
Значи и вие во секоја слика сте поинаков?
– Сѐ зависи до расположението. Јас правам доста скици. Сето она што е насликано на моите платна е произлезено од скиците што претходно сум ги направил. Обично барам скица со која можам да направам дијалог од која произлегува слика. Скиците се корените на целото мое творештво. Сум зачувал повеќе од 12.000 и тие се изворите на сите мои слики. Еве, во овој период создавам според некои скици што се направени пред 20 години.
Кажете ни нешто за монографиите?
– Во последниве 12 години направив пет монографии. Во првата се објавени мои слики во техниката масло на платно, цртежи и акварели, а мал дел има и сценографија и графички дизајн, бидејќи сум дизајнер по вокација. Потоа се појави монографија со цртежи, па монографија за моите акварели, а четвртата е со 3.000 идејни скици. Многу, речиси 980 мои дела ќе се најдат во петтата монографија, која ќе ја издаде „Матица“, а промоцијата се надевам ќе се случи додека трае ретроспективната изложба.
Имате навистина долго и плодно творештво, ретко кој уметник кај нас има таков континуитет…
– Има, ама малкумина се. Уметникот кога ќе престане да работи, фактички се пензионира самиот. Ако можеш да издржиш подолго време да работиш, ако те држат и умот и сетилата, ќе траеш подолго. А честопати некои уметници се пензионираат многу рано. Велат се откажуваат, всушност уметноста избегала, се откажала од нив и тие немаат веќе што да кажат, празни се.
Колку е важно да се биде свој, вие сте многу оригинален автор, препознатлив по својот стил?
– Ако имаш свое видување, тоа треба да си го градиш. Често публиката и критиката знаат да те пофалат, да те издигнат за нешто и ти да продолжиш да го правиш само тоа. Тоа е лошата страна на добрата критика. Ќе те направат голем, а ти уште си на стаклени нозе. Од друга страна, ако на почетокот добиеш лоша критика, ако „ти удрат шлаканица“, ако издржиш и продолжиш, значи треба да опстоиш на патот по кој си тргнал. Јас во млади години, уште додека бев во средно, тренирав малку бокс. Доаѓаа луѓе од разни побуди во клубот, а тренерот кога ќе забележеше дека некој е позагреан и искрено се интересира, ќе му кажеше на некој од поискусните, оди малку спарингувај со момчето и удри го малку посилно, да научи дека боксот не е само да маваш, туку и да примаш удари. Е, ако тој и по ова дојдеше на тренинг, значи дека е дојден на вистинското место, а ако не дојдеше, не бил за боксер. А тоа важи и за сѐ друго во животот, па и за уметноста.
Камчињата што ги собиравте кога си одевте од вашето село, велите, уште ги чувате. Ви покажуваат ли нов пат, нова визија?
– Има една мала слика, во монографијата е ставена прва, таа ја направив уште пред да одам во средно уметничко, кога имав 15 години. Тогаш бев „најуметник“. Иако е направена според некоја репродукција, не знам ни кој беше авторот, за мене е многу значајна и ја чувам. Ми стои во ателјето, ме потсетува од каде сум дошол и зошто сум станал тоа што сум, таа е есенција на моето сликарство. Ме опоменува да не скршнам и во животот и во уметноста.