Ниту еден учесник на претстојното клупско Светско првенство нема планетарна титула во своите витрини. Досега 27 клуба биле светски клупски прваци, а 27-от шампион беше Ливерпул, кој славеше во 2019 година. За титулата за 2021 година ќе играат Палмеирас, Челси, Ал Хилал, Ал Ахли, Монтереј, Окленд и Ал Џазира
ФУДБАЛ
Бразилскиот Палмеирас е последниот учесник на претстојното клупско Светско првенство (СП) во фудбал, откако ја освои титулата во Јужна Америка, со победата со 2-1 над Фламенго, исто така, од Бразил, во финалето на Копа либертадорес, кое се играше на стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео (Уругвај) во саботата. Натпреварот траеше 120 минути, откако по регуларните 90 беше нерешено, 1-1, а Палмеирас победоносниот погодок го постигна во 95. минута.
За Палмеирас тоа е трета континентална титула, бидејќи првпат шампион на Јужна Америка стана во 1999 година, а вториот трофеј го освои во минатата година, кога, исто така, се сретна со екипа од Бразил, Сантос. Палмеирас е првиот клуб по 20 години и по аргентинската Бока јуниорс што две години по ред е првак на Јужна Америка. Бока јуниорс славеше во 2000 и во 2001 година. Најмногу освоени трофеи во Копа либертадорес има Индепендиенте (Аргентина), вкупно седум.
Клупското Светско првенство на програмата е во почетокот на идната година, во Обединетите Арапски Емирати. За планетарната титула ќе играат континенталните прваци Палмеирас (Бразил, Јужна Америка) Челси (Англија, Европа), Ал Хилал (Саудиска Арабија, Азија), Ал Ахли (Египет, Африка) и Монтереј (Мексико, Северна Америка), потоа Окленд (Нов Зеланд, номиниран од Фудбалската конфедерација на Океанија, откако континенталното првенство за годинава не се одржа) и Ал Џазира, како претставник на домаќинот на турнирот.
Ниту еден учесник на претстојниот турнир нема светска титула во своите витрини, па светот ќе добие нов клупски првак. Досега вкупно 27 клуба биле светски клупски прваци, а 27-от шампион беше Ливерпул (Англија), кој славеше во 2019 година. Најмногу трофеи освои Реал Мадрид (Шпанија), седум, Милан (Италија) и актуелниот светски првак Баерн (Германија) имаат по четири итн. Натпревари за планетарната титула се играат од 1960 година, а од 2005 година тие се во организација на Светската фудбалска федерација (ФИФА).