Притисокот на овој меч не е на наша страна, а тоа треба да го искористиме. Се надевам дека во првиот прозорец од овие квалификации ќе забележиме барем една победа, вели македонскиот интернационалец Андреј Магдевски
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Актуелниот светски првак Шпанија, секако, е голем предизвик за секоја репрезентација, а така ќе биде и за Македонија, која утре (19.30 ч.), во рамките на првиот натпревар од ноемврискиот прозорец од групата Г, во квалификациите за Светското првенство (СП) 2013, ќе ги одмери силите во СЦ „Јане Сандански“ токму со „црвената фурија“. Шпанците се фаворити, иако кај нив ќе нема играчи од Барселона и од Реал Мадрид. Но и македонската селекција ќе биде забележливо ослабена на овој меч во Скопје.
– Лејсон Зекири не се јави на повикот, Љубомир Младеновски дојде на собирот, но има проблеми со вирусот, па голем е ризикот да заигра. Стојан Ѓуроски има болки во мускулот, па и тој нема да ни помогне. Ги нема ниту Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски. Треба што подобро да се подготвиме за овој дуел, не треба јас да ги мотивирам репрезентативците за Шпанија, туку тие самите. Без разлика во кој состав доаѓа, Шпанија е силна репрезентација, а тука е и искусниот селектор Серхио Скариоло. Но реков и порано дека сум победувал посилни со послаби екипи, а самото играње за Македонија е доволен мотив за сите кошаркари. Влегуваме со самодоверба, не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на ривалот и да играме со малку побавен ритам – рече македонскиот селектор Драган Бајиќ на вчерашната прес-конференција.
Интернационалецот Андреј Магдевски смета дека притисокот, кој е на страната на противникот, Македонија треба да го искористи.
– Немавме многу време за подготовки, првиот натпревар во овие квалификации е веќе утре и дотогаш ќе се потрудиме да се уиграме колку што можеме подобро и да ја дочекаме подготвени и здрави Шпанија. Притисокот на овој меч не е на наша страна, а тоа треба да го искористиме. Се надевам дека во првиот прозорец од овие квалификации ќе забележиме барем една победа – оптимист е стандардниот репрезентативец и играч на романски Плоешти, Андреј Магдевски.
Капитенот на Македонија на овој натпревар, Бојан Крстевски, вели дека и покрај проблемот со некомлетниот состав, сепак селекцијата треба да се фокусира на она што го има во овој миг.
– Секоја чест за Шпанија, но ние не се предаваме. Не сме комплетни, но тоа треба да го оставиме зад нас и да се фокусираме на она што го имаме за овој натпревар. Имавме пократок временски период за подготовки за разлика од летото и изменета репрезентација. Едноставно треба да излеземе на паркетот и максимално ангажирано и борбено да се претставиме во најдобро светло и да ги исполниме задачите на нашиот селектор – вели Крстевски.
По дуелот со селекцијата на Шпанија, в понеделник ќе следува и втората средба против Украина, која ќе се игра во „Палатата на спортовите“ во Киев. Македонија во овие квалификации е во групата Г, а покрај Шпанија и Украина е и селекцијата на Грузија.