Националниот координативен центар за гранично управување информираше дека во Бугарија без документ за Ковид ќе можат да влезат сите блиски роднини на настраданите лица во тешката сообраќајна несреќа. Одлуката за измена на протоколот е донесена попладнево.
Бугарските медиуми јавуваат дека граничните власти добиле овластување да пружат целосна помош доколку преку контролниот пункт да поминат роднините на загинатите или повредените во бруталната несреќа.
БНР пишува дека на граничниот премин кај Делчево се чувствува молкот по трагедијата.
Во текот на денот роднини и пријатели на седумината повредени лица заминаа кон болницата „Пирогов“ за да ги видат своите најблиски.
Преживеаните се наоѓаат во добра здравствена состојба и надвор од животна опасност.
Претходно, МНР ги објави нивните имиња.