Бугарското МНР им дава целосна помош на македонските власти
Бугарското МНР на своите надлежности ѝ ја дава сета потребна помош на Македонија во врска со сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“, им порачал бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, на премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Бујар Османи и на министерот за здравство Венко Филипче. Стоев денеска ја пречека владината делегација во болницата „Пирогов“ во Софија, каде што ги посетија повредените во тешката сообраќајна несреќа.
Од надлежните бугарски институции е побарано да обезбедат приоритетен и непречен влез во Бугарија на роднините на загинатите и повредените, како и на претставници на медиумите од земјава со оглед на хуманитарниот аспект на случајот.
Бугарското МНР во рамките на своите надлежности дава помош и на тим лекари од судска медицина, како и на вработени во Министерството за внатрешни работи на Македонија, кои ќе пристигнат во Бугарија во врска со несреќата, се нагласува во соопштението.
Бугарското МНР и амбасадата на Бугарија во Скопје се во постојан контакт со македонското МНР и со нејзиното дипломатско претставништво во Софија, се додава во соопштението од Бугарија.