Фото: Маја Јаневска-Илиева

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата излезе со одлучно предупредување до возачите да внимаваат каде и како ги паркираат своите возила, бидејќи со таквиот чин тие многустрано негативно влијаат не само на сообраќајот и на учесниците во него туку и на децата и на ранливите категории и дури ја загрозуваат и животната околина. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата од своите сондажи и анализи заклучува дека со неправилното паркирање се блокираат тротоарите и приодите на патеките, се оневозможува безбедното движење на пешаците, на велосипедистите, на лицата во инвалидски колички, на лицата со оштетен вид, на мајките со деца и на други категории учесници во сообраќајот, како и дека со неправилното паркирање во тревата и зеленилото ѝ се прави штета на околината. Како што информираат оттаму, неправилното паркирање е причина за голем број сообраќајни незгоди во кои страдаат деца, пешаци и велосипедисти

Сообраќајната култура при паркирање на најниско ниво

Неодговорното, несовесно и себично паркирање предизвикува исто толку сообраќајни несреќи колку и автомобилите учесници во сообраќајот. За жал, паркирањето е еден од најголемите проблеми во Скопје и во целата земја, а културата при паркирање ни е уште попроблематична. Паркираните возила се можеби и најголемата причина поради која им се случуваат несреќи на пешаци, велосипедисти и деца, бидејќи најчесто паркираните возила се на места предвидени за други категории учесници во сообраќајот, а не за автомобили. Токму затоа и предизвикуваат општ хаос низ улиците, бидејќи се основна причина за последователно непочитување на сообраќајните прописи од другите учесници во сообраќајот.

ПРАВИЛА И ПРОПИСИ ЗА СОВЕСНО ПАРКИРАЊЕ

И Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата излезе со предупредување до возачите да внимаваат каде и како ги паркираат своите возила, бидејќи со тој чин тие блокираат тротоари и приоди на патеки, им оневозможуваат безбедно движење на пешаците, на велосипедистите, на лицата во инвалидски колички, на лицата со оштетен вид, на мајките со деца и на други категории учесници во сообраќајот.
Како што информираат оттаму, неправилното паркирање е причина за голем број сообраќајни незгоди, во кои страдаат деца, пешаци и велосипедисти. Водејќи се од тоа, РСБСП упатува потсетување до возачите на кои места не е дозволено да се паркира.
Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движење на пешаците и велосипедистите; тој не смее да запре или паркира возило на обележан пешачки премин, како и на премин на велосипедска патека преку коловозот и на оддалеченост помала од десет метри од тие премини, на крстосница и на оддалеченост помала од десет метри од најблискиот раб на напречниот коловоз, на мостови, во подвозници, на надвозници, како и на растојание помало од 15 метри од мостови, тунели, подвозници и надвозници, на дел од јавен пат во близината на врв од преслап и во кривина, каде што прегледноста на патот е недоволна и каде што обиколување на возилото не би можело да се изврши без опасност – информираат оттаму.
Од РСБСП велат и дека возачите не смеат да ги паркираат своите возила на места каде што би криеле сообраќаен знак или уред за светлосни сообраќајни знаци, на велосипедска патека, на тротоар, на делови од улици што се наменети за возила на јавниот превоз и слично.
Како голем проблем оттаму го нагласуваат и паркирањето пред влезови во објекти, дворови и гаражи, како и на премин од патот на железничка пруга.
– Возачите не смеат да паркираат и пред влез во објект, двор или гаража, на хортикултурно уредени зелени површини, градски зеленила и паркови, над приклучок на водоводната мрежа или влез во канализација или друга мрежа на комуналните претпријатија, на места предвидени за движење и паркирање на лица со посебни потреби, на место каде што паркираното возило би му го оневозможило пристапот на друго возило, заради паркирање или излегување на веќе паркирано возило, на плоштад, пешачка зона и противпожарен пат, на паркинг-место што со дополнителна табла, сообраќаен знак или ознака на коловозот е обележано место за паркирање возила за лица со посебни потреби. Статичкиот сообраќај, односно паркирањето значително влијае на текот и на безбедното одвивање на сообраќајот – информираат од РСБСП.

НЕПРОПИСНОТО ПАРКИРАЊЕ СЕКОЈДНЕВНА СЛИКА

Сега, откако РСБСП точно ги нагласи локациите за возачите да можат да научат каде смеат, а каде не смеат да паркираат, бидејќи очигледно е дека активно ги игнорираат знаците на кои категорично е нагласено дека е забрането паркирањето, можеме да заклучиме дека возачите во нашата земја воопшто не почитуваат ниту едно правило за паркирање.
За граѓаните тоа е веќе навика, тие велат дека веќе не им ни обрнуваат внимание на паркираните возила, бидејќи се навикнати да се движат на улиците каде што ги загрозуваат сопствената и безбедноста на своите деца.
– Во Чаир, на пример, сликата секогаш е таква. Треба да дојдете на улицата Серава, да видите на што личи целокупниот сообраќај, и на пешаци и на автомобили и на велосипедисти. Тоа е хаварија од прв степен. Возила на тротоари, пешаци на улица, велосипедисти се движат насекаде, бидејќи не можат да се движат нормално. Вистински хаос е. Потребни се посебни вештини за да се движите по нашите улици, не само на оваа туку насекаде – вели Христина Митровска.
Граѓаните се најреволтирани поради тоа што упорно, и покрај присуството на сообраќајната полиција, возачите паркираат каде што ќе стигнат, па дури и на обележани пешачки премини.
– Мали деца преминуваат улица постојано затоа што се враќаат или одат на училиште. Речиси нема ден кога нема паркирано возило на пешачкиот премин, а децата минуваат обиколувајќи го за да можат да се качат на тротоарот. И таква е сликата секојдневно и постојано – вели Петар Стојковски.