Меѓу врвните 25, четворица се од колеџ-спортовите, седум од НБА и дури 14 од НФЛ, но нема имиња од НХЛ и од МЛБ

ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ ТРЕНЕРИ ВО САД

Бил Беличик, тренерскиот основач на династијата Њу Ингланд, е најплатениот експерт во американскиот спорт. Според „Спортико“, кој се занимава со спортски бизнис, сопственикот на шест титули во американски фудбал како главен тренер на Патриотс и две како одбранбен координатор на Њујорк, заработува 18,5 милиони долари бруто годишно, без бонуси, или 4.500.000 долари повеќе од неговите колеги Пит Керол од Сиетл и Шон Пејтон од Њу Орлеанс.
На четврто место е, исто така, тренер во НФЛ (лига во американски фудбал), Енди Рид, тренерот на Канзас сити (12 милиони долари), петти е Грег Поповиќ (11.500.000), тренер на Сан Антонио и најтрофејниот активен кошаркарски стручњак во НБА-лигата.
Освен тренерите на НФЛ-лигата, кои според приходите ги има дури 13, меѓу врвните 25, исклучително ценети се и стручњаците од НБА-лигата. Покрај Поповиќ, на листата на најплатени во најсилната кошаркарска лига во светот се уште и Стив Кер, Док Риверс, Ерик Сполстра, Мајк Буденхолцер, Ник Нурс и Стив Неш.
Листата ја дополнуваат уште четворица стручњаци од колеџ-спортовите во САД, односно тројца што обучуваат идни фудбалски ѕвезди (американски фудбал) и Џон Калипари, кој држи практична настава за кошаркарските асови во подем.
И покрај тоа што бејзболот (МЛБ-лига) и хокејот на мраз (НХЛ-лига) се во „големата четворка“ на американските спортски лиги, тамошните тренери се многу помалку платени од нивните колеги од НБА и во НФЛ. Тери Франкона од Кливленд (4,2 милиони) е најплатен во МЛБ, а Џоел Кеневил (5,25 милиони) е најплатен во НХЛ.