Странските медиуми пишуваат дека нов вид на ковид-19, со изразени промени во протеинот на шилците, е откриен во северозападниот француски регион Бретања. Засега не е јасно дали оваа мутација го прави вирусот повеќе или помалку заразен
Наместо стивнување на пандемијата, во Европа се појави нов сој на ковид-19. Дали станува збор за вообичаена мутација или, пак, нова поопасна варијанта сѐ уште е прашање за анализа од науката, но, сепак, апелите се во насока на претпазливост. Новите соеви изминатава година се покажаа како фатални, бидејќи беа и многу позаразни и со полоши клинички слики.
Странските медиуми пишуваат дека нов сој на ковид-19, со изразени промени во протеинот на шилците, е откриен во северозападниот француски регион Бретања.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) додал нов вид на својата листа на „контролирани варијанти“ на 11 ноември годинава.
– Новиот сој наводно бил откриен кај луѓе што се заразиле со вирусот на средината на октомври. Во Франција биле заразени вкупно 24 лица, од кои осумнаесет деца што одат во исто училиште и шест возрасни што имале контакт со нив – јавуваат француските медиуми.
Властите во Бретања соопштиле и дека успешно ги следеле сите заразени со оваа варијанта, додавајќи дека последниот пријавен случај бил откриен на 26 октомври.
Сепак, новиот сој е различен од сите досега познати варијанти на ковид-19, па на научниците им требало долго време да го идентификуваат.
– Анализата на овој вид не соодветствува на ништо претходно познато. Овој вид не личи на профилот на распространетата делта-варијанта, ниту на профилот на другите соеви на ковид-19 – изјавил претставник на француската регионална здравствена агенција.
Според тамошните експерти, на варијантата наречена Б.1.640 наводно ѝ недостига дел од протеинот на шилестата.
– Овој протеин обично се користи од вирусот за да влезе во човечките клетки и да ја шири инфекцијата низ телото. Не е јасно дали оваа мутација го прави вирусот повеќе или помалку заразен – посочуваат тие.
Француската регионална здравствена агенција изјавила дека нејзиното истражување покажува дека „вирусот е увезен од странство“.
Според некои медиуми, жител на Нант што патувал низ Африка донел нов вид во Франција.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека францускиот весник „Ле телеграм“ има објавено дека се појавила нова варијанта наречена Б.1.X или Б.1.640 – која заразила 24 лица.
– Оттогаш, мал број случаи се откриени во Обединетото Кралство, Швајцарија, Шкотска и во Италија. Варијантата не се раширила премногу, бидејќи делта-варијантата е очигледно подоминантна. Новата варијанта има мутации на протеинот на шилецот, кои научниците досега не ги имаат видено – посочува Даниловски.
Посочува и дека оваа варијанта засега останува на листата на Европскиот центар за превенција и контрола на болести како варијанта под мониторинг.
– Тоа значи дека ќе се следи дали е поагресивна од делта. Очигледно не е, зашто во Франција не ескалирала. Но рано е да се каже, сепак, како ќе се развиваат настаните – заклучува епидемиологот.
И министерот за здравство Венко Филипче веќе неколкупати посочи дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот. Според него, ова значи дека ризиците од вирусот ќе продолжат и во иднина, па поради тоа се препорачува примање трета доза од некоја од антиковид-вакцините.
Светската здравствена организација (СЗО) создаде систем на именување на соевите на ковид-19 по грчката азбука за да ја олесни јавната расправа за нив.
Вирусот постојано се менува со мутации, што резултира со нови варијанти, кои научниците ги следат.
Лекарите напоменуваат дека научниците сè уште учат за карактеристиките на соевите на ковид-19, па нема едногласно мислење за тоа дали можат различните соеви да предизвикаат потежок облик на болеста и во која мера вакцините дејствуваат против нив.