Изградба на објект на противпожарна единица и изградбата на спортски комплекс, се капиталните проекти кои ќе бидат реализирани од новата локална самоуправа.
Овие проекти беа презентирани од страна на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски на денешната, втора по ред седница на Советот, во рамките на точката од дневниот ред, која се однесуваше на Програмата за развојни планови на општина Битола, за периодот 2022 – 2024 година.
– Во овој период посебен акцент сакам да ставам на два капитални проекти, значајни за животот и безбедноста на граѓаните од повеќе аспекти. Во програмата за развојни
планови се воведува нова буџетска програма за изградба на други објекти со која планирана е изградба на објект на противпожарна единица, а средствата за
реализација се во вкупна вредност од 30.750.000 денари, се распределени во три години. Со реализацијата на овој проект ќе се зголеми грижата за безбедноста на граѓаните и нивните добра и ќе се изврши оптимизација на безбедноста во делот на пожарите.
Вториот капитален проект во вредност од 184.500.000 ден, кој ќе биде реализиран од страна на оваа локална самоуправа, со поддршка од Советот на општина Битола е
изградбата на спортски комплекс.
Комплексот, планирано е да вклучува голема спортска сала за спортски игри и мала спортска сала за боречки и индивидуални спортови, што конкретно ќе биде
дефинирано при изготвувањето на проектот, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во денешното образложение пред советниците од Советот на општина Битола. М.М.