Жените имаат исти права како и мажите, но не секогаш имаат исти можности. На секоја жена што има доволно знаење и квалитет, треба да ѝ биде дозволено да обезбеди подобро утре, беше истакнато на првиот самит за женско претприемаштво, кој вчера и денеска се одржува во Скопје. Надлежните ветуваат поддршка, за уште повеќе да се поттикне и зајакне женското претприемаштво. Годинава за првпат се прогласени и најдобрите жени претприемачи, а податоците покажуваат дека компаниите во сопственост или управувани од жени ги зголемиле добивката и бројот на вработени. Во периодот 2018-2020 година, селектираните 51 компанија што учествуваа во изборот го зголемиле бројот на вработени за 70,73 проценти, а добивката за 112,44 отсто.
Претседателката на Националната платформа за женско претприемаштво, Валентина Дисоска, истакна дека жените претприемачи многу лесно знаат да го најдат вистинскиот пат и храбро да застанат и да се борат за своите права и позиции. За неа високопоставена цел е женското претприемаштво да стане мотор за креирање економски раст и за креирање вработливост и средина во која ќе се живее достоинствено и економски зајакнато.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека жените во бизнисот и жените на лидерските позиции се конкурентна предност, но за да се постигне оваа додадена вредност, потребна е повеќеслојна системска поддршка.
– Со неуспевањето да креираме еднакви шанси, безбеден простор, системски решенија и поддршка кога таа е најпотребна, умира по еден сон. Сакам да ја видам сета светлост во очите на сите оние чиј сон ќе стане јаве. А знам дека сум во просторија што е полна со жени и мажи што го сакаат истото тоа што и јас. На секој од нас тука, задача ни е да бидеме гласници, за ова да стигне до сите – порача Битиќи.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели оти фактот дека компаниите во сопственост или управувани од жени ги зголемиле добивката и бројот на вработени во услови на пандемија е доказ дека има моќни и успешни жени што знаат да водат бизнис.

– Импресивен е податокот дека во време на пандемија успеале не само да го задржат туку и да го зголемат бројот на вработени. Овие 51 компанија заедно, во 2019 година вработувале вкупно 596 лица, а во 2020-та тој број на вработени се зголемил на 741. Сите овие 51 компанија остварувале добивка во анализираните три години, а дури 29 од нив (57 проценти) оствариле поголема добивка во пандемиската 2020 година во однос на 2019 – посочи Бектеши и најави поддршка и во иднина, а, како што рече, се разгледува и можноста за формирање фонд за женско претприемаштво.
Поддршка за жените претприемачи најави и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и посочи дека во првите 82 дена од мандатот ќе се формира посебен совет за женско претприемаштво, кој треба на едно место да ги обедини сите засегнати страни.
Од Европската Унија порачуваат дека во модерните и просперитетни општества нема место за нееднаквост меѓу мажите и жените.
– Родовата еднаквост е едно од најзначајните човекови права. Претставува средство преку кое се овозможуваат праведно општество и економски раст. Жените претставуваат 51 процент од вкупната европска популација, а сепак само 34 отсто се вработени. Само 15 проценти од стартапите се започнати од жени – истакна заменик-шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Џулијан Васало.