Фото: Маја Јаневска-Илиева

Формите на сивата економија се најразлични, од даночни евазии, непријавени вработени, злоупотреби на јавни ресурси, па до разни нерегистрирани активности што се случуваат пред институциите

Сивата економија во нашата држава редовно е предмет на критика во извештаите на европските и на другите меѓународни политички и финансиски институции. Таа е кочница не само за развој на домашната економија туку и за привлекување странски инвеститори. Тоа е клучна пречка што ги дестимулира деловните субјекти за инвестиции, формирање човечки капитал и технолошки иновации. Клучните проблеми поврзани со високата сива економија и неповолниот ефект врз формалните компании создаваат неефикасност и го намалуваат потенцијалот за раст на економијата на долг рок.
Од Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) велат дека непријавената работна сила е еден од најзначајните сегменти на сивата економија во нашата држава и дека ваквата состојба е условена од неповолните состојби на пазарот на трудот, односно проблемот со недостигот од стручен и квалификуван кадар.
– Повеќедецениската висока невработеност и ограничениот капацитет на македонската економија за апсорпција на вишокот работна сила, која во основа не одговара на потребите на бизнисот, во голема мера го детерминираа и порастот на бројот на лицата што се надвор од работната сила и кои не се регистрираат ниту како вработени ниту како невработени – објаснуваат од Комората.
Оттаму додаваат дека различни истражувања со користење различни извори на пресметки ја проценуваат неформалната економија помеѓу 17 и 40 отсто од БДП.
– Во Белата книга на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Северна Македонија се констатира дека сивата економија останува голема пречка за бизнисот. Уделот на неформалната економија останува доста голем и влијае врз конкурентноста на формалниот приватен сектор, иако таа се намалува од аспект на бруто-додадената вредност и вработувањето.

Процените говорат за обем од 20 отсто од вкупниот аутпут до околу 40 отсто во зависност од методот што се применува. Ова создава пречки за инвестиции и сериозни проблеми за конкуренцијата на регистрираните компании. Вработувањето во неформалната економија се намалува, но, сепак, таа останува иста и создава нееднакви услови за компаниите што плаќаат даноци и социјални придонеси и се придржуваат до законската регулатива – посочуваат од СКСМ.
Стопанството бара засилени контроли и инспекции и сузбивање на нелојалната конкуренција, која го урива пазарот бидејќи не плаќа никакви давачки. Токму затоа, како што споменуваат од Комората, во наредниот период во фокусот на активностите на државата треба да биде токму справувањето со сивата економија, во смисла на доследно почитување на даночната дисциплина, така што преку контролни механизми ќе се воспостави еднаков третман на сите даночни обврзници, со тоа што ќе се работи и директно на формализирање на неформалната економија и во делот на даночните обврски на вршителите на определени дејности, кои досега не биле регистрирани.
– Околу 30 отсто од компаниите го истакнуваат неформалниот сектор како примарна пречка за раст. Сузбивањето на сивата економија дефинитивно ќе даде резултати во растот на севкупната економија, a суштинските реформи треба да бидат во насока на обид да се справиме со сивата економија, која е нелојална конкуренција на регистрираните субјекти, со што прво би постигнале праведно оданочување од аспект на тоа секој што врши дејност да има еднакво обврска да плаќа данок, а не само оние што работат регистрирано – нагласуваат надлежните од СКСМ.
Тие сметаат дека доколку се стават во употреба механизмите за засилување на контролата и наплатата на непријавени даноци од т.н. сива економија, ќе се постигне поволен ефект по основа на прилив во буџетот и ќе се создаде амбиент за подготвување реформски мерки од креаторите на политиките, кои би биле насочени кон обезбедување поквалитетни услови за живот.

– Целта на инспекциските служби е потребно да биде детектирање и воведување во системот на нерегистрираните субјекти, поточно да им биде овозможено на оние што веќе работат нерегистрирано, да се регистрираат, со цел да станат рамноправни на пазарот со другите правни субјекти. Целта е да се формализира неформалната економија и, во согласност со прецизно утврден систем и правила, компаниите да имаат еднакви можности и услови да се натпреваруваат на пазарот – појаснуваат од Комората.
Како што вели професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, овој економски феномен го намалува материјалниот раст на една национална економија.
– Реформите во оваа област треба да се насочуваат кај институциите и институционалниот капацитет за перманентен мониторинг и контрола. Прашањето е како да се справиме со овој структурален и ендоген феномен за да почне нејзиното редуцирање – истакнува Беџети.
Формите на сивата економија, како што упатува тој, се најразлични, од даночни евазии, непријавени вработени, злоупотреби на јавни ресурси, па до разни нерегистрирани активности што се случуваат пред институциите.
Претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија велат дека за да се намали сивата економија и со тоа да се поттикне конкурентноста и да се зголеми продуктивноста, во земјата се потребни низа структурни реформи што опфаќаат повеќе институции, пред сѐ почнувајќи од правната држава и непристрасноста на инспекциските служби, независното судство и правосудни органи, олеснување на пристапот до финансии преку намалени каматни стапки од страна на банките, преку поддршка со грантови за млади претприемачи, но и заштита на постојните компании од нелојалната конкуренција со соодветни механизми, кои треба да ги спроведуваат Владата и надлежните институции.