Новото стабилно мнозинство во Парламентот ќе биде објавено наредната недела, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Како што рече Османи, кој е и висок функционер на владејачката ДУИ, во игра се неколку опции за новото мнозинство, а во моментов се водат преговори. Шефот на дипломатијата потенцира дека важно е тоа што рационалните политички сили, па и пратеници одлучиле во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива.
– Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата. Бројката од повеќе од 60 пратеници е и вистинска и реална – рече Османи одговарајќи на на новинарско прашање.
Министерот додаде дека прашањата за министерските позиции се секундарни и ќе следат по дефинирање на мнозинството. Претходно денеска, премиерот Зоран Заев изрази очекување за зголемување на мнозинството, за време на средбата со федералниот министер за надворешни работи на Република Австрија, Михаел Линхарт.
– Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата – рече Заев.
Од СДСМ потврдија дека Заев во текот на утрешниот ден ќе се сретне со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, на која ќе се разговара за приклучување на пратениците на Алтернатива кон мнозинството и влез во Владата.