Фото: Маја Јаневска-Илиева

Регионални медиуми, повикувајќи се на наоди од сеопфатно истражување во регионов, објавуваат дека на европскиот простор најголем број на лажни антиковид
-потврди го носи насловот на македонското министерство за здравство, независно дали станува збор за сертификат за имунизација со две дози на вакцината против
ковид-19 или за потврда за прележана болест во изминативе 45 дена. Споменатите документи добија популарност бидејќи на нивно поседување инсистираат
здравствените власти во земјава, како доказ дека имателот на потврдата не претставува опасност за јавното здравје, но е задолжителен и за патувањата во странство, односно за излез и за влез во странските земји

Со лажните антиковид-потврди не само што се прави кривично дело фалсификат туку и тешко се загрозува јавното здравје

Македонија повторно стана рекордер, но, за жал, и овој пат за неславни нешта. Според истражувања на некои медиуми од регионов, таа стана и рекордер во нелегално лиферувани антиковид-потврди. Тоа се всушност документите што од пред извесно време се нужни за влез во јавните објекти низ земјава, но и за преминување на границите на голем број европски земји. Но правењето лажен документ или менувањето на постоен документ без дозвола е криминално дело, но уште пострашно е што на тој начин се доведува во опасност безбедноста на луѓето и се нарушува јавното здравје.

Најголем број лажни антиковид-потврди се на меморандумот на македонското министерство за здравство?!

Независно дали станува збор за сертификат за имунизација со две дози на вакцината против ковид-19 или за потврда за прележана болест во изминативе 45 дена, на чие поседување инсистираат здравствените власти во земјава како на доказ дека имателот на потврдата не претставува опасност за јавното здравје, регионални медиуми, повикувајќи се на наоди од сеопфатно истражување, објавуваат дека на европскиот простор најголем број на лажни антиковид-потврди го носи насловот на македонското министерство за здравство. Европските полициски служби веќе откриле неколку мрежи што ги фалсификуваат потврдите за вакцинацијата и дигиталните сертификати. Притоа, како најбизарни примери на лажните сертификати се посочуваат тие што биле издадени на имињата: Адолф Хитлер, Сунѓер Боб, Мики Маус… Но дека целата работа воопшто не е ниту бизарна ниту наивна, објаснува новинарот Хано Бек, кој за порталот: голем.де, истражувајќи ги овие случаи, констатирал дека најголем број токму такви пропусници се издадени од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и тие, во принцип, важат и во земјите на Европската Унија, иако во оптек се и слични лажни документи, наводно, издадени од здравствените власти во Германија, Франција, Полска… Тоа, како што објаснил Бек, е резултат на недоволната заштита на интернет-страниците на надлежните државни институции што на фалсификаторите им овозможува да ги изработуваат лажните исправи.
– Утрово уште еднаш проверив и тоа сѐ уште се случува во две земји што не се членки на Унијата. Другите, во меѓувреме, направија подобрувања – изјавил пред некој ден Бек.

Ефикасно решение за сопирање на фалсификатите сѐ уште нема

И додека дигиталните експерти низ Европа се обидуваат да најдат решение за заштита на системите за издавање антиковид-сертификати без притоа да се поништат и легално издадените потврди, здравствените власти во Македонија не се изјаснуваат за овој проблем.
Од пазарниот инспекторат тогаш најавија дека продолжуваат со контролите, но и објаснија дека тие немаат надлежност да ги легитимираат гостите што, според нив, можела да го стори само полицијата.
Според информациите од граѓаните што алармираат за овој проблем за фалсификување, посочено е дека се нудат лажни сертификати за ПЦР-дигитални тестови или за примени две дози вакцина, дури и по кафеани. Тие се идентични со оригиналните сертификати, но доколку се скенира нивниот бар, тогаш можат да се откријат како фалсификат.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, одговорија дека тие само им даваат асистенција на надлежните инспекциски служби кога тоа ќе биде побарано, а од Министерството за здравство само апелираа за почитување на мерките, кои, според упатените, токму поради големиот број лажни ПЦР-тестови и ограничените можности за нивно откривање, а за што, сепак, во изминатиов период имаше информации и во полициските билтени, во последната владина одлука како релевантни се посочуваат потврдите за примени две дози вакцина и за прележана болест во последните 45 дена.


И Србија мака мачи со фалсификаторите на ПЦР-тестови и потврди за вакцинација

И во соседна Србија се откриени голем број фалсификувани ПЦР-тестови и потврди за вакцинација во таа земја.
– Изгледаат како оригинални, лесно се прават, а тешко се откриваат. Најчесто се продаваат преку интернет, по препорака и, наводно, чинат само неколку десетици евра – пишуваат српските медиуми.
Сепак, началникот на тамошниот сектор за внатрешна контрола на комуналната полиција, Ранко Шекуларац, изјавил дека немале случаи на откривање лажни потврди од страна на нивните службеници.
– Моментално немаме механизми за да го утврдиме тоа. Со тоа би можеле да се занимаваат други служби, со малку пошироки овластувања. Ние ги откривавме само случаите каде што граѓаните ги користеа туѓите потврди како свои и тие беа третирани како воопшто и да го немаат сертификатот – изјавил тој, потенцирајќи дека со користењето лажни потврди се навлегува во просторот на кривична одговорност.
Во исто време, медиумите во Србија нотираат дека тамошното обвинителство во изминатава една и пол година процесирало 12 случаи на изработка на лажни ПЦР-тестови, од кои 11 лица веќе биле правосилно осудени.


Во Германија две години затвор за фалсификаторите и за корисниците

Фалсификувањето или користењето лажни потврди за вакцинација ќе се казнува со затвор до две години според новиот предлог-закон во Германија. Претходно, германската полиција објави дека фалсификуваните документи за вакцина против коронавирусот стануваат сè поголем проблем.
Полициските службеници во Германија неодамна предупредија дека криминалците веќе почнале да продаваат недозволени докази за вакцинација против ковид-19 и дека се чини дека проблемот се продлабочува. Д.М.М.