Режисерот на „Отило. Затемнување Ораториум“, Драган Живадинов, напоменува дека оваа претстава е првенствено за белиот расистички маж што со својата милитантност нѐ тера во воено нечовештво
Годинашното издание на 52-от БИТЕФ, кој годинава во Белград се одржува со наслов „Свет без луѓе“ од 13 до 22 септември и во чија главна фестивалска програма се претстави од Словенија, Франција, Србија, Германија, Хрватска, Естонија, Швајцарија, Израел и Белгија, беше отворено со претставата „Отило. Затемнување, Ораториум“ на режисерот Драган Живадинов.
Во интервју за „Вечерње новости“, режисерот, кој е еден од водечките словенечки авангардисти од 1980-тите години, посочува дека оваа неговата претстава го проблематизира апсолутното зло. Во нејзиниот фокус е Одило Глобочник, Словенец, кој бил на самиот врв на хиерархијата на нацистичкото устројство, човек што ја спровел операцијата Рајнхард предизвикувајќи смрт на милиони луѓе, кој бил меѓу другото и на чело на концентрациониот логор „Рижарна“. Оваа копродукциска претстава на „Младинско“ и на „Кино Шишка“, која се темели на текстови на Петер Млакар и на Драган Живадинов во целост се смета дека е свесна за времето во кое живееме и во кое повторно се соочуваме со подемот на национализмот и на расизмот.
– Кога велиме нацизам ние пред сѐ мислиме на оној, страшниот, агресивниот, белиот европски нацизам. Тоа не е прашање на левата или на десната идеологија во Европа, туку станува збор за апсолутно зло – рекол Живадинов.
Ценетиот режисер ја објаснува својата идеја да стави еден нацистички злотвор во центарот на театарската приказна.
– Го извлеков тој злотвор од темницата во која заслужено се нашол на театарската сцена за повторно да го убијам. Осветлувајќи го Одил Глобочник, јас всушност го осветлив злото што треба секогаш одново да се поништува за случајно да не воскресне во некој друг облик – рекол Живадинов.
Според него, секаде до каде што стигнува уметноста, злото станува нервозно поради незадоволството. Запрашан колку се разликува неговата поетика од осумдесеттите години, режисерот нагласил дека таа е пред сѐ израз на неговата немоќ во однос на најновите расистички и националистички патологии. Дека тоа не е претстава само за минатите хитлеровски грозотии, туку првенствено за белиот расистички маж, кој со својата милитантност нѐ тера во воено нечовештво.
На програмата на 52-от БИТЕФ меѓу другите се и: „Свита бр.3. Европа“ на Жорис Лакоста како и две претстави на хрватскиот режисер Оливер Фрљиќ, „Горки – Алтернатива за Германија?“, во продукција на берлинскиот театар „Максим Горки“ и „Шест личности го бараат писателот“.
Во разговор за српската веб-страница „Сакам во театар“, Оливер Фрљиќ, кој има режирано претстави и во Полска и во Германија, зборува за тоа каква е разликата во јакнењето на десницата, но и во поновата појава на фашизмот на Балканот и како театарот се однесува кон тие појави.
– Театарот ѝ посветува многу простор на фашизацијата на Европа, но јазикот на тој театар не произведува трансгресивни моменти, кои би овозможиле навистина да ги разбереме опасностите од современиот европски фашизам. Тој театар и покрај надоаѓачката политичка бура останува цврсто закотвен во подлогата на граѓанските очекувања и естетските преференции. Тој во својата суштина е и останува логоцентричен. Секое излегување од рамката на текстот или говорот во некој друг простор автоматски предизвикува сомнеж, внимание и недоразбирање. Особено во целиот тој западноевропски театарски систем се чувствувам како туѓо тело што секогаш предизвикува недоразбирања и воспалителни процеси – рекол меѓу другото Фрљиќ.