Oркестарот на Филхармонија вечерва, во 20 часот, ќе настапи со една од најдобрите млади пијанистки на светската музичка сцена – Јеол Еум Сон од Јужна Кореја. Концертот е насловен „Фрески“, според истоименото музичко дело на македонскиот композитор Благоја Ивановски, кое ќе биде изведено на овој концерт, заедно со Концертот за пијано и оркестар бр. 2 и „Танцот на смртта“ од Камиј Сен-Санс.
Светската критика ја оценува јужнокорејската пијанистка Јеол Еум Сон како врвен изведувач со грациозна и безвременска интерпретација, кристален и разнобоен тон и возбудливи изведувачки перформанси. Важи за брилијантен виртуоз и за пијанистка што прави совршен баланс меѓу енергијата и гравитацијата со својата изведба. На светските сцени настапува и како рецитален изведувач и како пијанист со најзначајните симфониски оркестри во светот. Нејзиниот репертоар е разновиден и еклектичен, таа изведува музика од Бах, Моцарт, од германските и руските романтичари, Вагнер, Шимановски, Лигети, Салонен… Настапувала со најдобрите светски оркестри, како што се Њујоршката филхармонија, оркестарот на театарот „Марински“, Чешката филхармонија, Концерт хаус оркестарот од Берлин, „Московски виртуози“… Нејзините концерти ги воделе диригенти како што се Дмитри Китајенко, Валери Гергиев, Васили Петренко, Владимир Спиваков, Кшиштоф Урбански, Мико Франк, Пабло Гонзалез и др.
Концертот за пијано и оркестар во Ге-мол, Камиј Сен-Санс го напишал во 1868 година. Големиот руски пијанист Антон Рубинштајн, еден од големите пријатели на композиторот, дошол во Париз за серијата од осум концерти што требало да се реализираат под диригентската палка на Сен-Санс. Пред крајот на концертните серии, Рубинштајн сакал да дебитира како диригент во Париз, а Сен-Санс да настапи како пијанист. Сен-Санс започнал да го пишува Концертот во Ге-мол веднаш по иницијативата на Рубинштајн и успеал да го заврши за неверојатни 17 дена. Премиерната изведба била на 13 мај – Рубинштајн го водел концертот, а Сен-Санс настапил како солист. „Танц на смртта“ е една од четирите тонски поеми што Камиј Сен-Санс ги создал во 1870 година, сите инспирирани од Франц Лист и неговите истоимени дела од 1849 година. Сен-Санс прави тематска трансформација и интегрира специфична оркестрација во концептот, идејно преземан од Лист. Првично е напишана како песна за глас и пијано на текст од поетот Анри Казалис, кој се базира на старо француско суеверие. Во 1874 година, композиторот го адаптира делото во оркестарско, заменувајќи го гласот со партија во виолините.