Чави, наречен Макина (Машината), кој е „производ“ на клупската академија „Ла Масија“, се смета за еден од најдобрите фудбалери на Барселона на сите времиња. „Тој е еден од најголемите виртуози во средниот ред на сите времиња, тој помогна да се редефинира фудбалската уметност со својот креативен ум, со прецизните додавања и возвишената способност за читање на играта. Апсолутна легенда“, се наведува во соопштението на Барселона, во најавата за неговото враќање во клубот

ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Поранешниот играч за врска на Барселона, Чави, се врати во клубот како тренер, со договор до 2024 година, потврди шпанскиот фудбалски гигант. Чави доаѓа на местото на Роналд Куман, кој доби отказ пред десетина дена по серијата лоши резултати. Чави (41) замина во катарскиот клуб Ал Сад во 2015 година, прво како играч, а потоа во 2019-та ја презеде функцијата главен тренер и го предводеше до шампионската титула во минатата сезона. Ал Сад е без пораз на 36 првенствени натпревари по ред.
Чави Ернандез, кој е „производ“ на клупската академија „Ла Масија“, во 17-те сезони во Барселона, од 1998 до 2015 година, одигра 767 натпревари (повеќе има само Лионел Меси, 778) и освои 25 титули, постигна 85 гола, плус 185 асистенции. Чави, наречен Макина (Машината), се смета за еден од најдобрите фудбалери на Барселона на сите времиња. Неговиот стил на игра и прецизните додавања се сметаат за олицетворение на „тики-така“ тимот на Пеп Гвардиола. „Тој е еден од најголемите виртуози во средниот ред на сите времиња, тој помогна да се редефинира фудбалската уметност со својот креативен ум, со прецизните додавања и возвишената способност за читање на играта. Апсолутна легенда“, се наведува во соопштението на Барселона, во најавата за неговото враќање во клубот.

Дебито на Чави на клупата на Барселона ќе биде на градското дерби со Еспањол, на 20 ноември. На првенствениот меч во саботата, Каталонците ремизираа на гости со Селта, откако по првите 45 минути водеа со 3-0.
– Како да заборавивме дека мораме да го играме второто полувреме. Бевме премногу статични, требаше да покажеме повеќе карактер. Овој меч беше многу важен за да се искачиме малку повисоко на табелата – изјави Френки де Јонг.
Навивачите и сите што ја сакаат Барселона од Чави очекуваат враќање на старите победнички патеки и освојување трофеи. Но факт е дека Барселона, по 12 кола, е на деветтото место во Ла лига со 17 бода (10 помалку од лидерот Реал Мадрид) и веќе загуби три првенствени натпревари, меѓу кои е и поразот во „Ел класико“ од Реал Мадрид (1-2) на домашен терен. Во тимот повеќе го нема Меси, а летово заминаа Антоан Гризман и поголем број други клучни играчи. Новите засилувања допрва треба да ја достигнат посакуваната форма, а Серхио Агуеро ќе биде подолго време отсутен поради здравствени проблеми, што ја прави работата на Чави екстремно тешка.