Мораме да зборуваме помалку, а да правиме повеќе на теренот. Секој мора да се погледне во огледало околу тоа што го прави погрешно. Не можете да му го промените менталитетот никому, треба да погледнете во себе и да разберете што треба и што можете подобро да направите, рече Фернандеш по големото дерби во кое Манчестер сити го победи Манчестер јунајтед (2-0), за четврти пораз на Јунајтед на претходните шест меча во Премиер-лигата

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА

Фудбалерите на Манчестер јунајтед треба „да се погледнат во огледало“ бидејќи „не се на исто ниво“ со колегите од Манчестер сити, вели играчот од средниот ред, Португалецот Бруно Фернандеш. Разликата во класа беше очигледна на дербито на стадионот „Олд Трафорд“, на кое Сити победи со 2-0, што беше четврти пораз на Јунајтед на претходните шест меча во англиската Премиер-лига. Јунајтед прими барем еден гол на 14 средби по ред дома во сите натпреварувања, од март годинава, што е втора најлоша ваква серија во клупската историја, по онаа од април 1958 до март 1959 година, на 21 дуел.
– Мораме да зборуваме помалку, а да правиме повеќе на теренот. Постојано го кажувам истото. Мораме да се промениме, бидејќи ова ни се случи многупати во последно време. Ако сакаме да бидеме на исто ниво како нив, треба да покажеме повеќе, бидејќи ни покажаа на кое ниво сме. Секој мора да се погледне во огледало околу тоа што го прави погрешно. Не можете да му го промените менталитетот никому, треба да погледнете во себе и да разберете што треба и што можете подобро да направите – рече Фернандеш за „Скај спорт“.
Манчестер сити забележа повеќе победи на гости против Манчестер јунајтед во Премиер-лигата од кој било друг тим (осум). Јунајтед загуби осум натпревари дома во сите натпреварувања во 2021 година, најмногу во една календарска година по осумте порази во 1989 година. Избраниците на Пеп Гвардиола доминираа, имаа 68 отсто посед на топката, покриваа поголем дел од теренот и направија многу повеќе спринтови.

Јунајтед упати еден шут кон противничкиот гол и имаше четири допири со топката во противничкиот шеснаесетник (Сити 32), најмалку на натпревар во Премиер-лигата откако „Опта статистикс“ бележи вакви податоци (од 2008 година). Тоа е најмала бројка за домашна екипа на премиерлигашки меч, по Фулам, чии играчи на средбата со Арсенал во септември 2020 година забележаа три допири.
Гвардиола рече и дека дел од пристапот на Сити на мечот бил како да се спречи Јунајтед во контранападите.
– Ако не го завршите нападот како што треба, ќе бидете нападнати многу, многу брзо, тие во тоа се многу добри. Затоа ни требаше игра со милиони додавања, ни требаше игра како топката да е во фрижидер, чувајте ја таму – изјави Гвардиола.