Црногорците ја совладаа Швајцарија, со 35-31, а Данците беа поуспешни од Норвешка, со 31-28

РАКОМЕТ – НЕДЕЛА НА ЕХФ

Во рамките на ракометната недела на ЕХФ, деновиве веќе се одиграа неколку контролни репрезентативни натпревари, на кои можеше да се провери моменталната форма, но и да се уиграат одредени замислени тактики пред почетокот на Европско првенство (ЕП) во 2022 година, во Словачка и Унгарија. Особено ќе бидат интересни резултатите на конкурентите на Македонија на ЕП (која вчера и денеска ќе ги одмери силите во Каиро со Египет), селекциите на Црна Гора, Данска и Словенија.
Црна Гора со победа стартуваше на турнирот во Тунис, совладувајќи ја Швајцарија, со 35-31, а најефикасен на мечот беше Милош Вујовиќ, со 13 гола. Вториот меч Црногорците го играа вчера, против домаќинот Тунис.
Светскиот првак Данска ја совлада на гости Норвешка, со 31-28, во првиот натпревар од „Златната лига“, на која се играат по три натпревари во рамките на неделата на ЕХФ. Иако настапија без своите најдобри играчи, Микел Хансен, Хенрик Мелгард, Ласе Сван, Менса Ларсен, голманот Никлас Ландин, сепак, избраниците на селекторот Николај Јакобсен славеа, а најефикасен кај победничкиот состав беше Емил Јакобсен, со седум погодоци. Словенија, пак, денеска во пријателски меч на гости, ќе ги одмери силите со Хрватска.
Како што е познато, Македонија на ЕП 2022 е во групата А во Дебрецин, Унгарија, а најпрво ќе игра со Словенија (13 јануари), два дена подоцна со Црна Гора, додека на 17 јануари со Данска. Првите две селекции од шесте групи одат во втората фаза.