Во ерата на Премиер-лигата, од 1992 година наваму, повеќе успеси има Манчестер јунајтед, кој на 48-те натпревари забележал 24 победи, 15 порази и девет ремија, со гол-разлика 70-61
ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА СЕ ИГРА ГРАДСКОТО ДЕРБИ ВО МАНЧЕСТЕР
Денеска (13.30 ч.), на стадионот „Олд трафорд“, ќе се одигра големото градско дерби помеѓу Манчестер јунајтед и Манчестер сити. Во ерата на Премиер-лигата, од 1992 година наваму, повеќе успеси има Манчестер јунајтед, кој на 48-те натпревари забележал 24 победи, 15 порази и девет ремија, со гол-разлика 70-61. Севкупно, двата клуба досега одиграле 185 официјални натпревари, на кои „црвените ѓаволи“ победиле 77 пати, „граѓаните“ 55, а 53 меча завршиле нерешено.
Вејн Руни има постигнато 11 гола во градските пресметки во сите натпреварувања, повеќе од кој било друг. Најмногу дерби-мечеви одиграл Рајан Гигс, 36. Кристијано Роналдо, кој летово се врати во Јунајтед, настапил на 14 меча против Сити (со Јунајтед и со Реал Мадрид) и девет пати бил на победничката страна, притоа постигнувајќи пет гола.
По високиот пораз од Ливерпул дома (0-5), Јунајтед закрепна и беше импресивен минатиот викенд, совладувајќи го Тотенхем на гости, со 3-0, а во Лигата на шампионите (ЛШ) на гостувањето во Бергамо ремизира со Аталанта (2-2). По 10 првенствени кола, „црвените ѓаволи“ се на петтото место на табелата, со 17 поени. На „Олд трафорд“, Јунајтед освои само еден бод на последните три меча. Манчестер сити, кој е трет со 20 бода, имаше лош ден минатиот викенд, загуби дома од Кристал палас (0-2), но во средата вечер во ЛШ, убедливо го совлада Бриж, со 4-1. Надвор од „Етихад“, Сити сезонава има забележано три победи, едно реми и еден пораз.
Јунајтед не е поразен на последните четири првенствени натпревари против Сити (три победи и едно реми), колку и на претходните 16 меча, што е најдолга ваква серија по онаа од шест меча меѓу 2008 и 2011 година. Сити има седум победи во Премиер-лигата на гости против Јунајтед и, заедно со Ливерпул, најмногу од сите тимови на „Олд трафорд“ во историјата на Премиер-лигата.