Фото: Игор Бансколиев

ИЗБОРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ ЈА ПОТВРДУВААТ ПОТРЕБАТА ЗА ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ИЗДРЖАНОСТА НА СЕГАШНАТА ТЕРИТОРИЈАЛНА ПОДЕЛБА

Со по околу една илјада гласа, па дури и со помалку, како на пример во општината Лозово, беа избирани градоначалниците на овие избори што, според голем број мислења, е уште една потврда за потребата за преиспитување на издржаноста на сегашната територијална поделба на 80 општини и Град Скопје. Но освен (мало)бројноста на гласачите во некои општини, многу повеќе дилеми предизвикуваат проблемите како што се неуедначеноста на бројот на вработените во општинските администрации и нивната способност да ги сервисираат потребите на граѓаните и на стопанството, можностите за финансирање од изворните приходи, подготвеноста за реализирање на потребните проекти и капитални инвестиции…, накратко, прашањето за нивната самоодржливост и функционалност.
Збунувачки изгледаат податоците, според кои, наспроти огромните разлики во бројот на гласачи што овој пат се движат од по околу една илјада гласа во помалите, главно рурални општини, до околу 20 илјади гласа во поголемите градови и во скопските општини потребни за избор на градоначалници, општините со поголем број жители имаат многу помалку вработени, на пример.

Новаци со 12, Аеродром со еден вработен на илјада жители

Имено, според неодамнешната публикација „Следење на принципите на јавната администрација во зачувување на вредностите на добро управување“ на „Центар за управување со промени“, од одговорите од 56 општини било констатирано дека во просек општините имаат по тројца вработени на илјада жители. Сепак, во Новаци тој број изнесувал 12, во Старо Нагоричане и во Пехчево по шест, во Македонска Каменица и во Дебарца по пет вработени на илјада жители, додека во Студеничани, Липково, Битола, Брвеница и во Аеродром имало по околу еден вработен на илјада жители.
– Логично е да се отвори прашањето дали општините со повеќе вработени во однос на бројот на жители нудат поквалитетни услуги од тие со помалку вработени – констатирале истражувачите.
И во истражувањето на темата „Дали единиците на локалната самоуправа ги исполнуваат стандардите за добро управување?“ спроведено од неколку невладини организации се констатира дека „малите општини се соочуваат со големи предизвици во обезбедување на потребните капацитети и ресурси за да ги остварат сите функции утврдени со закон“.
– Тргнувајќи од просекот, во споредбите направени меѓу општините се забележуваат големи разлики во однос на бројот на вработени и бројот на граѓаните што ги опслужуваат. Има општини што имаат дури по 12 вработени на илјада жители, додека има општини што имаат речиси еден вработен на илјада жители. Ваквата варијација покажува дека не постојат стандарди во однос на тоа колкави капацитети од аспект на човечки ресурси треба да има една општина. Секако дека во споредбата на овој сооднос, во понезавидна состојба се помалите општини бидејќи тие треба да ги обезбедат сите функции утврдени со Законот за локалната самоуправа, на соодветен начин како и поголемите општини – забележаа истражувачите.

Некои општини реално не можат да одговорат на потребите на граѓаните

Освен тоа, како што генерално е наведено во истражувањето, општините се разликуваат многу во однос на финансиските ресурси со кои располагаат, особено во однос на сопствените изворни приходи. Големите урбани општини обезбедуваат значителни средства од данокот на имот во општината, затоа што тој имот има и повисока пазарна вредност, од фирмарини и од други такси, од уредувањето и од продажбата на државно неизградено земјиште и од други извори. За разлика од нив, во руралните општини пазарната вредност на имотот е ниска, а и тие средства потешко се прибираат. Други поголеми извори за финансирање и немаат, а главен извор на приход им се средствата што ги добиваат од централниот буџет како блок и капитални дотации и средствата во процентуален износ од ДДВ, кои им се распределуваат на општините според посебно утврдена методологија.
И задолженоста кај некои од општините се посочува како голем проблем во однос на нивните можности да ги сервисираат обврските и да функционираат во иднина без помош од централната власт.
– Во секој случај, потребно е системско преиспитување на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа. Покрај воведувањето мерки за поголема финансиска дисциплина во работењето и поголема транспарентност и отчетност во управувањето со јавните финансии, се наметнува и потребата од решенија што ќе обезбедат финансиска стабилност и одржливост на општините, особено на оние за кои ќе се констатира дека реално немаат доволно сопствени извори на финансирање за да одговорат на потребите на граѓаните во рамките на нивните надлежности – заклучиле авторите на истражувањето.

Трпи и стопанството

Освен граѓаните, и стопанствениците веќе подолг период ги чувствуваат последиците на таквата состојба.
– Во вакви услови, кога општините немаат доволни овластувања, финансиски средства, ниту квалификуван кадар за спроведување на нивните основни овластувања, речиси е невозможно да се размислува за зајакнување на активностите што општините би можеле да ги преземаат за унапредување на локалниот економски развој, а со тоа и постигнување економски раст и развој на државата. Од овие причини, потребно е целосно да се спроведе процесот на сеопфатна реформа на локалната самоуправа, кој ги вклучува прашањата за децентрализација на власта, фискална децентрализација, територијална организација, но и јакнење на капацитетите на општините – објасни претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во една од неговите неодамнешни колумни.

На Македонија не ѝ се потребни повеќе од 60 општини?

Дека постојниот концепт на локалната самоуправа ги има сите наведени недостатоци и дека тие делумно произлегуваат и од предимензионираниот број на општините, потврдува и експертот за локална самоуправа Јове Кекеновски.
– Реално, на Македонија не ѝ се потребни повеќе од 60 општини – процени Кекеновски.
А со прашањето колку треба да биде голема единицата на локалната самоуправа за да се оправда нејзиното постоење, меѓу другото, се занимаваше и група професори од Правниот факултет во неодамна издадениот учебник „Локална самоуправа“.
– Претпоставка е дека територијално поголемите единици на локалната самоуправа ќе ги исполнат условите за нејзин развој во економски поглед. Поголемите единици на локалната самоуправа би биле способни да ги остваруваат многубројните, па и сложените задачи на единицата. Но прашање е колку треба да биде голема единицата на локалната самоуправа. Територијално преголемите единици на локалната самоуправа, пак, не одговараат на непосредното учество на граѓаните во одлучувањето за прашањата од локално значење. Со други зборови, создавањето преголеми единици на локалната самоуправа би било во колизија со демократските принципи на локалната самоуправа, која во услови на преголема единица на локалната самоуправа не би имала шанса да се развие како непосредна локална самоуправа, туку би се претворила претежно во претставничка локална самоуправа. Поради тоа, оптимална големина на единицата на локалната самоуправа што би одговарала и на економските и на демократските барања на локалната самоуправа би била онаа големина што истовремено би ги содржела предностите и на поголемата и на помалата единица на локалната самоуправа – препорачаа професорите.
Уште многу анализи во изминативе години покажаа дека најголем дел од парите во општинските каси доаѓаат преку трансфери од централната власт, а се трошат главно за плати и за надоместоци, поради што страда квалитетот на услугите и проектите што треба да се капитални и од јавен интерес, а не можат да бидат реализирани.

Нефункционалноста како системски проблем

За сериозноста на барем еден дел од прашањата поврзани со (не)функционалноста на општините, за кои многумина тврдат дека веќе се и системски проблем, се свесни и надлежните, така што Владата, која сега веќе е во оставка, во неодамна објавената Програма за одржлив развој и децентрализација 2021-2026 година се определила за проширување на децентрализацијата со пренесување нови надлежности и ресурси на општините и за подобрување на системот на финансирање. Дали тоа ќе се реализира и дали, воопшто, ќе биде доволно, упатените велат дека, во актуелниот политички момент, е сосема неблагодарно да се прогнозира. Но евентуалните натамошни евроинтеграциски процеси во Македонија, како што веќе се покажа во некои од членките на Европската Унија, секако ќе ја наметнат потребата од обликување функционални општини или барем од нивно функционално поврзување, заради ефикасно искористување на средствата од европските фондови. Д.М.М.