Уставот и собранискиот деловник ја регулираат постапката во случај на оставка на претседателот на Владата. Зоран Заев синоќа поднесе остава на премиерската функција, како и на лидерската позиција во СДСМ по поразот на неговата партија на локалните избори.
Премиерот во оставка ги повика претседателите или потпретседателите на партиите од актуелното собраниско мнозинство на првични разговори за нов премиер и состав на нова влада. На состанокот во Владата ќе се разговара и за можниот распоред за собраниска седница за оставката.
– Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела
оставка или на која мандатот ѝ престанал поради распуштање на Собранието, останува
на должност до изборот на нова Влада – се наведува во членот 93 од Уставот.
Според член 219 од собранискиот деловник „оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на републиката”.
Понатаму, во член 220 е предвидено Собранието на првата наредна седница да констатира дека мандатот на претседателот на Владата престанува на денот на седницата.
Заев ја извршуваше премиерската функција од од 31 мај 2017 година, со што освои втор претседателски мандат на 15 јули минатата година. Заев беше претседател на СДСМ од 2013 година. Тој вчера нагласи и дека останува на ставот оти не треба да има предвремени парламентарни избори.